Богат избор на коментари и постови на нашата Фејсбук страница има овој понеделник, почитувани. Информациите за крвавиот четврток во Собранието, посетата на високиот функционер на американскиот Стејт департмент, Хојт Ји на земјава, измешани про и контра реплики на поддржувачите на упадот на демонстрантите во собраниските простор и нивната пресметка со челните луѓе на СДСМ и на оние што го осудуваат тој чин, за и против изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието.
Дритон Азири со прашање до членовите на ВМРО-ДПМНЕ: „Зошто Талат Џафери не ви сметаше кога беше министер за одбрана? Знам зошто: затоа што тогаш ВМРО беше во коалиција со ДУИ?“ Васка Петрова смета дека „Вмровците го уништија достоинството на својот народ, на институциите, па сега и на Парламентот“.
Татјана Дамјановска им се обраќа токму на авторите на негативните постови: „Многу сте набиени со омраза и негативни чувства. Зошто мислите дека имате ексклузивно право на оваа наша убава Македонија. Во заблуда сте ако мислите дека тие што не се ДПМНЕ не се патриоти“. По овој текст на Фејсбук, дрва и камења летаат по Татјана, речник што е непрофесионално да се цитира. Рубин Ристески наведува: „Позната фарса на националистите, прават проблем, обвинуваат други, среќа е што тој начин е напуштен и има повеќе разумен свет“.
Како коментар на изјавите на Груевски дека е против насилство, Горан Новко го цитира дијалогот помеѓу Груевски и Јанакиевски од „бомбите“, а пред уривањето на зградата на Фијат Цановски: „Миле а да пробаме со динамит, да не ја тупиме многу?!“ И уште сугестиите од Груевски за Жерновски: „А да му пуштиме некој да му залепи пет-шест шамари, а? Не се одговара кривично за тоа“. Па ги реди насилието во Собранието во 2012 година, убиството на Нешковски на изборната победа, упадот на специјалци во А1ТВ, кумановските настани, политичките притвори и затвори, за да констатира: „И ти, Никола Груевски, за себе тврдиш дека не си насилник?“
Марјан Раневски ја коментира посетата на Хојт Ји: „Сè додека вакви емисари доаѓаат и ни делат памет, ситуацијата секогаш ќе биде ваква каква што е. Да сакаа да помогнат емисариве ќе ги решеа проблемите“ За Менде Димески „ЕУ, НАТО и САД се директни виновници за состојбите во Македонија“.