Достапни линкови

Што носи Хојт Ји во Скопје?


Архивска фотографија-изјава на заменик помошникот државен секретар на САД Брајан Хојт Ји по средбите во Скопје
Архивска фотографија-изјава на заменик помошникот државен секретар на САД Брајан Хојт Ји по средбите во Скопје

Заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји од денеска е во дводневна посета на Македонија. Средбите ги почнува со лидерите на партиите на Албанците, а се среќава и со новоизбраниот спикер Талат Џафери, со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Американскиот функционер Хојт Ји од денеска е во посета на Македонија. Пристигнува ден порано од претходно најавеното, а средбите ги почнува со состанок со претседателот на ДУИ Али Ахмети. Партиските извори од ДУИ велат дека средбата ќе се одржи во 15.30 часот. Денеска според информациите, Ји ќе се сретне со лидерите на партиите на Албанците.

Претходно од американската амбасада во Македонија соопштија дека заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Ји ќе се сретне и со претставниците на БЕСА Билал Касами, со Весел Мемеди од Алијансата на Албанците и со Мендух Тачи лидерот на ДПА.

Како што се дознава од извори од ДУИ, средбата со Талат Џафери, кого мнозинството во четвртокот го избра за претседател на Собранието, ќе се одржи утре наутро.

Амбасадата на САД уште вечерта додека се случуваа насилствата во Собранието, а и Стејт Департментот ден подоцна соопштија дека ќе соработуваат со новоизбраниот спикер во парламентот.

Заменикот портпарол на Стејт Департментот Марк Тонер во петокот рече дека САД силно го осудуваат насилниот напад на членови од македонскиот Парламент кој следеше по изборот на Џафери.

„Ние ќе работиме со новиот спикер со цел да ја поддржиме демократијата и да и помогнеме на Македонија да продолжи напред на нејзиниот европски пат“,наведе Тонер.

Подоцна и во вчерашната најава од американската амбасада за средбите на Ји беше наведено дека тој ќе се сретне и со новиот претседател на парламентот.

Американскиот дипломат утре попладне ќе разговара и со претседателот на СДСМ Зоран Заев а според очекувањата утре ќе биде и средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Во рамки на дводневната посета тој ќе се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој првично рече дека нема да се види со Ји но подоцна, по крвавите насилства во парламентот најави дека ќе разговара со него.

На средбата со Иванов се очекува повторно од него да биде побарано да ја преиспита својата одлука. Имено Ји минатиот месец при посетата на Загреб рече дека мнозинството во парламентот изрази волја да формираат влада и дека се надеваат оти македонскиот претседател ќе овозможи што побрзо тоа да се случи.

Ставот по средбите, како што е најавено американскиот функционер ќе го соопшти утре попладне.

Од досегашните реакции на официјален Вашингтон по случувањата од четвртокот во Собранието, се очекува тој силно да го осуди насилството, а властите да ги ги повика да ја осигураат безбедноста на членовите на Парламентот, да се спроведат темелна истрага за нападите, а одговорните лица да бидат казнети.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG