Достапни линкови

Светските агенции за насилствата во Собранието


Насилства во Собранието на Македонија и повици за смиреност и воздржаност. Ова се акцентите од јавувањата на светските новински агенции за случувањата во парламентот по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Хаос настана во македонскиот парламент откако демонстранти упаднаа во зградата и нападнаа пратеници по изборот на новиот претседател на Собранието.

Ова го јавува новинската aгeнција Асошиејтед прес, потсетувајќи на неколкумесечниот ќорсокак во обидите да се формира нова влада по изборите во декември минатата година.

Агенцијата наведува дека во неколкучасовниот инцидент имало повредено 77 луѓе, вклучувајќи и 22 полицајци.

Меѓу повредените е и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој подоцна, како што се наведува, бил поздравен од поддржувачите пред седиштето на неговата партија.

Помала група демонстранти откако била истерана од Собранието ги игнорирала инструкциите од полицијата да заминат и изутрината поставиле шатори во паркот пред Собранието, јавува Асошиејтед прес.

Новинската агенција Ројтерс, јавувајќи за случувањата во парламентот, наведува дека некои од околу 200 демонстранти кои влегле во зградата биле маскирани и оти според очевидци, полицијата влегла во парламентот откако избувнале немирите, но оти веднаш не се се обидела да ги смири демонстрантите.

Сегашната криза, според оваа агенција, е најтешка од 2001 година кога западната дипломатија помогнала да се извлече земјата од работ на граѓанска војна, ветувајќи и членство во НАТО и ЕУ.

Француската новинска агенција Франс прес пак, известувајќи за насилствата во парламентот, се повикува на изјавата на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу дадена за медиумите дека биле повредени 10 пратеници, како и новинари и полицајци.

Оваа агенција ги пренесува и реакциите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивното меѓусебно обвинување за провоцирање на тензиите.

Германската ДПА, пак, ја оренесува пораката на претседателот Ѓорге Иванов кој ги повика политичките лидери на средба за да разговараат за опциите за излез од ситуацијата.

ДПА како и сите други странски новински агенции ги пренесуваат реакциите од Европската унија, Соединетите Држави и ОБСЕ во кои се осудуваат насилствата и се поздравува изборот на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Вести и снимки за упадот и насилствата во македонскиот паралмент објавија, меѓу другите, и Би Би Си, Си Ен Ен и Ал Џезира.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG