Достапни линкови

Заев ќе го уверува Иванов во унитарноста на Македонија


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, очекува да го добие мандатот за состав на нова влада од претседателот Ѓорге Иванов. Подготвен е повторно да го увери дека унитарноста на Македонија не е загрозена.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев се надева дека нема да се повтори крвавиот четврток кога новото парламентарно мнозинство ќе го презентира предлогот за состав на Влада во Собранието. Заев, по средбата со претставниците од мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакна дека смета оти е сè поголема веројатноста тридневната дебата во Парламентот да помине во мирна атмосфера, но не и без опструкции.

Заев го очекува мандатот од претседателот Иванов
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

„Сè е можно, не можеме да кажеме после сè што видовме дека нешто може да се случи слично, или исто, не дај боже. Но верувам дека сè поголема е веројатноста да не се случуваат такви работи, заради тоа што, застрашувачките пораки беа испратени до сите, и верувам дека допреа до сите граѓани, како и до нас политичарите. Деловникот има одредено три дена дебата. Таа дебата може да се искористи комплетно. Тоа зависи од пратениците кои ќе дебатираат за новиот состав на Влада и владината програма, но дебатата завршува за три дена и ќе треба да се избере владата. Ние тоа ќе го направиме согласно Уставот, законите и деловникот и нема да дозволиме никаква индикација за некој да биде дополнително мотивиран да прави вакви блесави работи како што се случија минатиот четврток“, вели Заев.

Доделувањето на мандатот зависи од текот на претходните процеси, но се надева дека Влада ќе може да се формира најдоцна до крајот на месецов. Тој додава дека повторно е подготвен да го посети претседателот Ѓорге Иванов заедно со коалиционите партнери, доколку тие сакаат да го придружуваат, за да го уверат Иванов дека ќе ја гарантираат унитарноста и уставноста.

Во однос на насилниот упад од демонстрантите во Собранието и насилството врз пратенците, Заев вели дека повредените пратеници сè уште не добиле покана како оштетена страна од Јавниот обвинител, но очекува тоа да се случи наскоро, затоа што, како што вели, тоа е логичен следен чекор. Тој додава дека е многу важно секој да си поднесе одговорност за стореното дело, за да може полека да се врати владеењето на правото.

Заев вели дека се надева оти институциите ќе постапат соодветно, за да не мора пратениците од новото парламентарно мнозинство да поднесуваат тужби.

„Но евентуално, тоа што го гледаме како одредени пропусти да се гонат само за учество, тоа значи условни казни. Учество во толпа е толпа која што мава со камења и крш џам. Не е тоа исто. Очекуваме согласно вината која што ја имаат луѓето или сомневањата за вина, соодветно за тоа да постапат државните институции а секако тука најодговорно е Основното јавно обвинителство кое ги води истрагите“, вели тој.

Заев вели дека не знае зошто директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков чека некој да предложи негово разрешување или Владата да одлучи кога треба тој сам да си поднесе оставка. Според лидерот на СДСМ, токму Чавков е еден од виновниците за крвавиот четврток, поради ненавременото постапување на полицијата.

Тој денеска се сретна со високи претставници на мисија на ОБСЕ кои доаѓат во Македонија од Виена, од делот на мисијата за превенција од секаков вид на кризи и ризици.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG