Деветтемина обвинети за насилството во Собранието денеска беа осудени на условни казни за делото за кое се товареа - учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување на службена должност. Осуммина од нив добија условна казна од шест месеци доколку во рок од година и половина не го повторат делото, а само еден од обвинетите доби условна казна од година и шест месеци доколку во рок од 5 години не го повтори делото. Сите обвинети претходно пред Судот се изјаснија за виновни за делото.
Судијката Милка Ангеловска - Васевска при соопштување на пресудата рече дека тие се виновни за делото поради тоа што, како опиша, ја урнале заштитната ограда на Собранието, потоа на влезот од зградата се туркале со полицијата, а откако успеале да влезат во законодавниот дом се упатиле кон прес- центарот, каде употребиле клоци и тупаници кон лицата од обезбедувањето со цел да пристапат во просторијата.
„Судот им определува алтернативни мерки кои се адекватни санкции со кои ќе се исполнат целите на казнувањето“, рече Ангеловска - Васевска.
Сите обвинети прес Судот се изјаснија дека се каат за делото и дека нема да им се повтори во иднина.
„Бев занесен од толпата и не очекував ситуацијата да ескалира.“
„Се најдов на погрешно место и во погрешно време.“
„Со оглед дека учествував во конфликтот во 2001, кога слушнав дека во Собранието се пее химна на друга земја ме понесе толпата.“
Беа дел од исказите на обвинетите пред Судот. Обвинетиот Ангеле Зафировски познат во јавноста како бате Геле. изјави.
„Јас сум писател и живеам за Македонија“.
Само мал дел од оштетени се изјаснија и во нивно име обвинетите да се гонат кривично и побараа и оштета. Судот го укина и притворот на осудените на кои претходно им беше изречена таква мерка. Адвокатите на дел од осудените, Валентина Тодоровска и Владо Докулевски истакнаа дека се задоволни од пресудата.
„Со оглед на фактот што обвинетите ја признаа вината истите добија алтернативна мерка, условна осуда, така да голем дел од оштетените не побараа приклучок кон кривичниот процес и немаа имотно правно побарување, односно се откажаа од штета и од кривичен прогон. Тоа беше исто така во прилог на обвинетите, како една од олеснителните околности. Скоро сите тие беа примерни граѓани и неосудувани“, рече Тодоровска
„Обвинетите сите беа свесни дека со самото присуство го извршиле кривичното дело кое има широк дијапазон на опфат. Така да секој присутен можеше да го стори ова дело. Тие беа занесени од толпата и не сакаа никој да го штетат и повредат и имаа доблест да го признаат делото, што е за поздравување. Тие ја признаа вината и затоа санкцијата е условна која сите ја прифатија едногласно“, истакна Докулевски.
Осудените при излезот од Судот беа пречекани со аплауз од припадниците на групата „Тврдокорни“ кои се собраа во знак на нивна поддршка.
На медиумите вчера се појавија нови видео записи од насилството во Собранието, на кои можеше да се види како пратеници од ВМРО ДПМНЕ им овозможуваат на демонстрантите да влезат во законодавниот дом.