Достапни линкови

Неделници - Тепачите во Собранието и изборот на Џафери


Фокус пишува дека обвинителите Гордана Гешкоска и Марко Зврлевски ги штитат напаѓачите од Собранието со тоа што ги обвинуваат само за учество во толпа. Република, пак, смета дека со изборот на Талат Џафери, Македонија е под окупација.

Фокус - Гешкоска и Зврлевски ги штитат силеџиите во Собранието

Спрегата меѓу полицијата, обвинителството и судството сè уште функционира подмачкано, но не кон обезбедување на правдата – пишува Фокус, анализирајќи ја токму оваа врска во текстот со наслов: „Гешкоска и Зврлевски ги штитат силеџиите во Собранието“. Ова тврдење, авторката на анализата го поткрепува со фактот дека стотината камери, илјадниците слики, многуте сведоци и докази од срамниот 27 април не се доволни за институциите да ги видат сите кривични дела што се случија тој ден и ноќ. „Јавното обвинителство на Зврлевски за најкрвавиот ден во историјата на македонското Собрание досега поднесе само обвинителен предлог против девет лица кои се товарат за учество во толпа“ – наведува неделникот и го поставува прашањето дали Обвинителството ќе ја добие улогата да ги заштити и „испере“ од одговорност лицата кои влегоа во Собранието и ги тепаа пратениците и новинарите и со тоа извршија бројни кривични дела?

Во овој контекст, Фокус потсетува дека полицијата со шок бомби „ги бранеше гаќите на Прометеј“ на споменикот спроти собраниската зграда, а ги остави насилниците да ги линчуваат пратениците. И на насловната неделникот ја подвлекува својата поента: Гешкоска и Зврлевски се прикажани со крвави раце над насловот: „Обвинители со крвави раце“.

Република - Македонија под окупација

Од друга страна, Република на насловната објавува фотографија од гласањето на пратениците од новото парламентарно мнозинство за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието со наслов: „Македонија под окупација - ’дип стејт‘ инсталира квинслишка власт за промена на името“, за во уводникот главниот уредник да напише дека било поразително да се гледа дека по повеќе од седум децении по падот на нацистичка Германија, како што пишува „нацистичките методи за поробување држави и уништување народи сè уште се живи и активни“. Уводничарот оди уште подлабоко и смета дека изборот на Џафери бил само првиот чекор од окупацијата на државата со помош, како што пишува, на марионетите на ЦИА и на Сорос и дека „експресното признавање на легитимитетот на нелегитимниот Џафери од страна на остатоците од администрацијата на Обама и од дипломати од Брисел“ било само потврда за спрегата што постоела меѓу тие структури и за одлучноста по секоја цена да се преземела власта во Македонија. Методите на надворешните пријатели на Заев, како што ги нарекува Република, ги споредува со методите на Хитлер, кој, како што пишува, „ги применувал при окупациите на европските држави провоцирајќи судири по секоја цена“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG