СДСМ заедно со дел партнери од новото парламентарно мнозинство подготвуваат некако вид гаранции, кои ќе му ги достават на претседателот Ѓорге Иванов, потврдуваат од партијата. Од кабинетот на Иванов и во потврдата дека го добил и второто писмо од претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, наведоа дека шефот на државата очекувал од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“.
Од СДСМ не откриваат детали какви се тие гаранции што ќе ги однесат кај Иванов, а исто така и не прецизираат кога тоа ќе се случи. Во партиското соопштение пишуваат дека „граѓаните, целата домашна јавност и меѓународната заедница отворено и јасно се запознаени со програмата на новата реформска Влада која што ја гарантира унитарноста на Македонија, работа според Уставот и евроатлантски интеграции“.
„Парламентарното мнозинство е подготвено да ја реафирмира пред јавноста и пред Ѓорге Иванов. Програмата на новата Влада и тоа ќе го направи“, пишуваат од СДСМ.
Од парламентарното мнозинство, кое го споменуваат и СДСМ и Иванов, засега повеќето партии се согласни да се потпишат на некој вид гаранции. Пратеникот од ДУИ Артан Груби на прашањето дали ДУИ ќе учествува во давањето гаранции што го најави СДСМ кратко одговори со „да”.
На истото прашање и пратеникот од Беса, Зекирија Ибраими, исто така потврди дека и тие ќе учествуваат.
„Ќе се потпишеме на декларација што вели дека владината програма ќе биде во рамките на Уставот и законите во Република Македонија“, вели Ибраими.
Единствено од Алијансата за Албанците велат дека нема да учествуваат во давањето гаранции до Иванов.
„Претседателот на СДСМ Заев треба да даде гаранции, бидејќи тој е мандатар. Ние немаме никаква работа со Иванов“, вели Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.
Упатените оценуваат и дека ова е тактика и можност и за претседателот Иванов кој досега неколкупати излезе во јавноста со став дека нема да го даде мандатот, да ја смени својата одлука, повикувајќи се на дополнителните гаранции што би ги добил. Според универзитетскиот професор Темелко Ристески и јавно објавената програма на СДСМ гарантирала унитарност и заштита на Уставот.
„Претседателот на СДСМ Заев веќе најави дека тој тоа и ќе го направи, ќе однесе гаранции, но апсолутно мислам дека нема пречки да додели мандатот на Зоран Заев“, вели Ристески.
Според очекувањата, делегацијата од парламентарното мнозинство најверојатно ќе го посети Иванов идната недела. По потврдата од неговиот Кабинет дека на 9 мај го добил писмото од Собранието, течат и уставните рокови за доделување мандат, па тој треба да ја донесе одлуката најдоцна до 19 мај.