Од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов денеска информираа дека писмото од, како што пишуваат, Собранието на Република Македонија, е пристигнато вчера на 09.05.2017 година.
„Претседателот Иванов очекува од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалиционите партнери ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“, се наведува во соопштението.
Во него пишува и дека претседателот Иванов останувал на ставот дека танаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејствие спротивни на Уставот на Република Македонија, не можеле да бидат услов, ниту пак основа за формирање и дејствување на Влада во Република Македонија.
„Македонскиот претседател, во однос на определување мандат, ќе постапи согласно Уставот и досега воспоставената практика“, пишуваат од неговиот Кабинет.
Од СДСМ, претходно, преку писмено соопштение наведоа дека Иванов немал потреба да ги чека десетте дена, туку било неопходно конечно да постапи согласно Уставот и час поскоро да го додели мандатот.
Во соопштението на партијата повторно се изразува готовност Заев да ја реафирмирал програмата на новата Влада која, како што пишуваат, ја штити унитарноста, се обврзува дека ќе работи согласно Уставот и евроатлантските перспективи.
Според дел аналитичари, поради долгиот период, односно петте месеци во кои Македонија е без влада, неопходно е работата да се забрза. Иванов ако се земе предвид второто писмо од Џафери, сега има уставен рок до 19 мај да го повика претседателот на СДСМ Заев за да му ја соопшти одлуката.
Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, смета дека откога ќе го добијат мандатот работите ќе се забрзаат. Новото парламентарно мнозинство за скоро време ќе формира влада, смета тој.
„Во оваа ситуација единствен фактор што може да го забрза тој процес на избор на нова влада е Ѓорге Иванов кој може да го додели мандатот што е можно поскоро односно пред истекот на тие десет дена“, вели Гаџовски.
Особено по настаните од 27 април во Собранието крајно време е, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, политичарите да не ги злоупотребуваат законските и уставните рокови што им стојат на располагање. Земајќи предвид што се случи поради тие одолговлекувања, вели Муслиу, Иванов сега би требало побрзо да реагира. Тоа според него е неопходно, оти штетите и досега, како што вели, се повеќе димензионални.
„Прво е позицијата која ние ја имаме пред нашите меѓународни партнери, сите знаат дека ситуацијата колку повеќе се одолговлекува, толку повеќе може да излезе од контрола, а и економијата е во застој и од друга страна постојано имаме задолжувања“, вели Муслиу.
Иванов, според аналитичарите, навестува можна промена во ставот по средбата со американскиот функционер Хојт Ји на први мај. Од неговиот Кабинет тогаш соопштија дека Иванов подвлекол дека доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи и дека бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“.
Од тогаш од неговиот Кабинет се огласија само кога Џафери го прати првото писмо како претседател на Собранието на 4 мај, наведувајќи дека „ќе постапел согласно Уставот на Република Македонија и воспоставената практика“.