На само два дена по изборниот процес полицијата заедно со обвинителството засилено почнаа со работа околу настаните поврзани со инцидентите на 27 април во Собранието. Беа приведени петмина осомничени за тепањето на лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села кои добија и 30 дневен притвор. Тоа се луѓе за кои на социјалните мрежи одамна се вртеа слики со нивно признание дека го тепале Села или дека биле дел од напаѓачите во прес центарот во Собранието сликани со качулки на главата.
Досега за нападот на Села беа обвинети и уапсени Кире Ѓоргиевски и неговиот татко кои се наоѓаат во истражниот затвор Шутка.
Потоа МВР побара помош од граѓаните со објавување на фотографии за потрагата по тројца осомничени. До вечерта и тројцата беа приведени, соопшти јавното обвинителството.
Од друга страна вчерашниот ден го одбележа и претресот на полицијата во Општината Карпош. Полицајците извршиле претрес под сомнение дека од општината се изнесуваат документи, по смената на локалната власт.
Во меѓувреме во текот на изборната кампања беа покренати и неколку кривични пријави за досегашните градоначалници од сега опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на службена должност.
Дел од новите градоначалници веќе најавија дека првите обврски со општините ќе им биде токму ревизија на работата на нивните претходници.
Кривични од МВР заработија досегашниот градоначалникот на општина Ново Село Блажо Велков за злоупотреба на службена положба и овластување. Неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ Драги Наџински од Берово, Илчо Захариев од Штип, Перо Илиевски од Вевчани и Марјан Ристески од Прилеп.
Од Специјалното јавно обвинителство, пак, има обвинение кое е веќе во судска процедура против поранешниот градоначалник на Битола од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески за проневера на државни пари преку превоз на ученици.
Пет кривични пријави беа доставени и до Основното јавно обвинителство од Управата за финансиска полиција против поранешни градоначалници на општините Струга, Свети Николе, Дебар, Студеничани и Долнени за злоупотреба на службена должност при јавни набавки.
Опозицијата обвинува дека ова е пресметка со политички неистомисленици и дека е со цел уништување на имиџот на градоначалниците во изборната трка.
„Монтираните кривични пријави на хунтата СДСМ против нашите градоначалници нема да ги спасат од изборниот пораз кој ќе им го испорачаат граѓаните. Кривичната пријава против градоначалникот на Ново Село, Блажо Велков е уште еден притисок на СДСМ и излезно сценарио од скандалот во кој полицијата на Спасоски малтретираше активисти на ВМРО-ДПМНЕ“, се велеше во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на кривичната пријава која што полицијата ја поднесе против Велков за злоупотреба на службената должност и овластување пред изборите.
Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека таквата дилема која се јавува во јавноста, особено по обвинувањата на опозицијата за сите случаи ќе треба да се расчисти во судска постапка во ситуација каде што има владеење на правото.
„Не можеме сега да дадеме одговор на ирелевантна оценка дали мислењето на опозицијата е основано или неосновано. Сигурно за тоа мислење тие си имаат одредени аргументи кои од ад кох треба да се анализираат и да се ценат“, вели Кадриу.
Тој додава дека за сите случаи треба да се почитува пресумцијата на невиност, нешто за кое сме сведоци дека не се прави, затоа што ова се само утврдени сомнежи за сторени кривични дела.
„Но одлука треба да донесе надлежниот суд. Што ќе се утврди од страна на судот, останува да се види. А судот ако правилно го применува правото ќе треба позитивно да се произнесе за тоа дали има кривично дело, кои се сторителите и доколку има која би била санкцијата“, објаснува Кадриу