Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас денеска информираше дека во недела ќе ги потпише, а во понеделник наутро ќе бидат испратени писмата до ЕУ и НАТО дека неговата земја нема да се противи за евроатлантската интеграција на Македонија. Тој по конференцијата за стабилност и безбедност на Родос потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека договорот за името бил ратификуван, а во понеделник Грција ќе го исполни нејзиниот дел од обврските.
Овие чекори на грчката влада се предвидени во договорот за името да се случат откако македонското собрание ќе го ратификува договорот. Министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров вечерта во средата, веднаш откако договорот помина во Собранието, за тоа официјално го извести неговиот грчки колега Никос Коѕијас.
Во меѓувреме, владата на Алексис Ципрас се соочува со турбуленции на внатрешно политичката сцена по потпишувањето на договорот за името во неделата. На прашањето дали е можно договорот за името да се компликува и да не помине во грчкиот парламент, новинарот Атанас Кировски, кој важи за познавач на грчките состојби, вели дека теоретски е можно, но дека изгледа оти тоа нема да се случи.
“И пред извесно време имаше гласање за доверба на владата на Ципрас и тој го преживеа гласањето со 153 гласа “за”” вели Кировски.
Официјално мандатот на овој парламентарен состав истекува идната година, а избори таму треба да се одржат најдоцна до октомври 2019 година. Но, на СИРИЗА сега и се закануваат коалиционите владини партнери Независни Грци со предвремено напуштање на владиното мнозинство. Лидерот на партијата Панос Каменос рече дека наместо просто мнозинство од 151 пратеник за ратификацијата на договорот во грчкиот парламент кој има 300 места, ќе бара мнозинство од 180 пратеници, а ако Ципрас не го прифател тоа нема да останеле во Владата.
Владата убедена во мнозинството
Во таков случај СИРИЗА останува со своите 145 пратеници. Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос деновиве изрази уверување дека ратификацијата во грчкиот парламент ќе помине без проблеми со како што рече “проширено, патриотско и прогресивно мнозинство”.
Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис,пак, кој има умерен став за договорот за името и смета дека тој има слабости, но е корисен, пред неколку дена ја отфрли опцијата да влезе во владата. Неделава тој рече дека Река која има шест пратеници, не размислува за тоа, ниту, пак, да и даде поддршка, а ако си заминеле Независни Грци тогаш решението биле избори.
Другата опција во грчкиот парламент која има дваесет пратеници е Демократската алијанса од која е дел и ПАСОК. Нивната претседателка Фофи Генимата исто така го критикува договорот, но не толку жестоко како Кирјакос Мицотакис и неговата партија Нова Демократија.
Барања за предвремени избори
Мицотакис силно ја напаѓа владата за предавство и кажа дека неговите 76 пратеници ќе гласаат против договорот и бараат нови избори. Испитувањата на јавното мислење пак, покажуваат дека Нова Демократија е во предност пред СИРИЗА. Кировски нагласува и дека тоа водство е постојано.
“Секоја политичка турбуленција Кирјакос Мицотакис ќе ја користи за да се обиде да предизвика избори. Но тоа не значи дека Нова Демократија ако дојде на власт нема да почитува меѓународен договор, туку напротив мислам дека ќе го почитува договорот” вели Кировски.
Дилемата околу однесувањето на евентуалната нова грчка власт се отвори откако високиот партиски функционер во опозиционата партија Јоргос Кумуцакос рече дека како идна власт, ќе направеле се да ги сменат негативните елементи од договорот.
Инаку во грчкиот парламент има претставници и на неколку други политички формации- петнаесет пратеници имаат крајните десничари од Златна зора, исто толку има и Комунистичка партија, шест пратеници имаат Унијата на центристи, а има и девет независни пратеници.
Ратификацијата во грчкиот парламент, според договорот за името,би требала да се случи веднаш откако Македонија во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот. Тоа пак е предвидено да се случи до крајот на годинава.