Достапни линкови

Договорот за името и протестите - главна тема во медиумите


Скопје - Протест против ратификација на Договорот за името.
Скопје - Протест против ратификација на Договорот за името.

Македонско-грчкиот договор за името и протестите против Договорот се главна тема, а прва вест во медиумите е пожарот во Велес, во кој загинаа три деца.

Главна тема во сите електронски изданија на печатените медиуми се речиси истите вести, во врска со македонско-грчкиот договор за името и неговата ратификација во македонското Собрание, како и за протестите против овој Договор пред Собранието, организирани преку социјалните мрежи, како што известуваат некои медиуми.

Инаку, дефинитивно прва вест во сите печатени медиуми е тажната смрт на трите деца во пожар во родителската дива градба, како што наведуваат медиумите, во Велес. Станува збор за социјално загрозено семејство, родителите ги заклучиле децата од една, три и пет години, и отишле да пазарат.

Слободен печат на насловната цинично го користи во наслов обелоденетото од премиерот Заев во интервјуто за телевизијата Канал 5 за она што досега не е објавено од познатите „бомби“: „Што прифатил Никола Груевски во 2012 година? – Кандисал за Горна ерга омнес, а не му чини Северна“. Истите зборови на Заев ги цитира и Вечер со разлика во насловеното: „Груевски прифатил Горна и Северна Македонија ерга омнес во 2012 година“. Во сите електронски изданија може да се прочита: „Димитров го извести Коѕијас дека Договорот е ратификуван“, како што насловува Нова Македонија. Во врска со ова, Независен оди со наслов: „Договорот е ратификуван, Грција е на потег“.

Повторно сите печатени медиуми информираат дека „Договорот со Грција е испратен за потпис кај Иванов“, како што на пример наслови Нова Македонија. Вечер ја објавува реакцијата на СДСМ: „Собранието кажа ’Да‘ за македонската иднина“ и „Од ВМРО-ДПМНЕ лицемерно бегаат секогаш кога се расправа за прашања од врвен интерес“. Вечер ја објавува и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Заев ги чини прескапо граѓаните на Република Македонија. Заев, Димитров и останатите од СДСМ потпишаа капитулантски и срамен договор“. Нова Македонија, Слободен печат и Независен го цитираат шефот на македонската дипломатија, Димитров: „Претседателот е должен да го потпише законот што по втор пат се враќа во Собранието“.

Сите електронски изданија на печатените медиуми го објавуваат и делот од интервјуто на еврокомесарот Хан за Дојче Веле: „Македонија ќе добие датум и без потпис од Иванов“.

Сите печатени медиуми информираат за неколкудневните протести пред Собранието, и дека во средата вечер демонстрантите се упатиле кон резиденцијата на Иванов, за да му ја искажат својата поддршка. Исто така сите весници ја објавуваат изјавата на првиот човек на Полицијата во врска со насилните протести: „Полицијата во неделата постапи правилно. Полицајците беа напаѓани со дрва и бетонски плочи и еден час се воздржуваа за да ја смират ситуацијата, но нивната реакција е резултат на оценката на претпоставените“.

Вечер ја објавува изјавата на шефот на грчката дипломатија, Коѕијас за едно грчко радио: „Нова демократија функционира како партиски огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Атина“.

Место во печатените медиуми зазема и веста дека Северноатлантскиот совет донел едногласна политичка одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел.

Пак сите електронски изданија на печатените медиуми ги објавуваат честитката од бугарскиот премиер Борисов за ратификацијата на Договорот со Грција и изјавата на српскиот министер Дачиќ во одговор на новинарско прашање: „Не честитавме бидејќи немаме што да честитаме. Имаме позитивно мислење и поддржуваме секаков договор со кој се договара работите да се решат по мирен пат“.

И последната вест за трговската војна помеѓу САД и ЕУ што ја објави Нова Македонија: „ЕУ од петок воведува царини за американски производи како одговор на одлуката на американскиот претседател Трамп да воведе царини за увоз на алуминиум и челик од Европа“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG