Во јавностa се отворија дилеми кој стои зад синоќешните протести против Договорот потпишан во Псаредес со кој се решава 27 годишниот спор за името.
Протестите беа организирани преку социјалните мрежи, но универизитетскиот професор Владимир Пивоваров, кој е и национален координатор за гранично интегрирано управување истакна дека протестите се дел од сценарио, бидејќи поединци не можеле да соберат толку учесници. Тој вели дека големите сили секогаш имаат интерес да најадат свои протагонсти во случувањата, слично како што беше со Црна Гора, но според него протестите имаат и политичка позадина.
„Тоа е организирано сценарио, во никој случај не е спонтано собирање на народот. Значи зад секој протест мора да стои некој. Видовме дека одобрување на протестите дадоа одредeни политички партии дека ги подржуваат, дека се против промена на уставното име, директно кажуваат декa се против НАТО и ЕУ интеграции. Никој не е за промена на името, но кога сакате да одите по патот кој сте го зацртале тоа е неминовност. Референдумот е лицето на вистината дали се граѓаните за или против. Со протести во оваа ситуација не се решава ништо. Најдобриот начин е септемврискиот референдум кој е начин на кој граѓаните ќе ја кажаат заложбата дали се за европска Македонија или да ја враќаме во античко време и ќе поткренуваме национализам“, изјави професорот Пивоваров.
Прашањето за тоа кој ги организира протестите го поттикна вчерашното појавување на Јанко Бачев од про-руската „Единствена Македонија“ кој го вееше знамето на руската федерација, заедно со знамето со сонцето со шеснаесет краци од Кутлеш.
На прашање на Радио Слободна Европа кој е ставот на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје за тоа што Бачев на протестите вееше руско знаме , од таму ни одговорија дека „Амбасадата на никого не му има дадено дозвола за користење на државно знаме и други официјални симболи на Руската Федерација за време на протестната акција пред Собранието. Во дописот се додава дека, меѓутоа, тие не се во можност да го контролираат користењето на нивните национални обележја од страна на поединци надвор од Русија и оти знамињата на Русија, како и на повеќе други земји, како што е познато, слободно се продаваат низ целиот свет.“
Во врска со можноста од руско влијание на протестите, професорот Пивоваров потсети дека не е тајна оти Русија кажа дека на Балканот не е за проширување на НАТО. Но, тој рече дека Македонија ја има зацртано својата европска и евро атланска агенада и оти и во Црна Гора кога влегуваше во НАТО имаше надворешни влијанија, сили кои со помош на внатрешни сили не сакаа таа држава да влезе во НАТО. Но тој дополнува дека и во Црна Гора на крај грѓаните одлучија дека таа држава сакаат да влезе во НАТО. Пивоваров коментира дека и граѓаните кај нас, во голем број се изјаснуваат дека имаат желба за влез во ЕУ и НАТО.
Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека Македонија се соочува со протести кои се дело на поединци и групации кои не го разбираат актулниот момент во кој се наоѓа државата. Според него тешко е да се процени дали има руско влијание во протестите.
„ Сето она што се случува е дело на поeдинци и групации кои јавно, јасно и децидно се спрoтивставуваат на договорот, притоа не водејќи сметка дека ако Македонија не го реши проблемот во овој момент, ќе остане на крајот на настаните кои придонесуваат за развој на Македонија. Дали има руско влијание тешко може да се процени во овој момент. Очигледно е дека Руската Федерација има определен интерес за западен Балкан и отворено го манифестира во односите со Србија и веројатно е заинтересирана за поширокиот регион. Но директно дека таа е иницијатор тешко може да се каже во овој момент зашто и идеолозите и организаторите се личности и групации кои не го разбираат актуелниот момент и врз основа на тоа делуваат во насока на тоа Македонија да биде игнорирана од сите позитивни настани што треба да се случуваат во регионот и во Европа“ изјави Марковски.
Според Марковски, на протестите биле присутни припадници на навивачки спортски групи, припадници на македонскиот конгрес на Тодор Петров, групации кои не се согласуваат со актуелната политика во Република Македонија, односно подржувачи на опозицијата и подржувачи на ставовите на претседателот Иванов.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека на синоќешните, ако што вели, насилни протести пред Собранието биле повредени 17 лица, од кои 10 полицајци, а биле приведени 26 лица. Меѓу демонстрaнтите пред Собранието вчера беа припадници на навивачките групи, организацијата Христијанско братство и групации и подинци кои се против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан вчера во Псарадес. Тие синоќа се судрија со полицијата и насилно ја турнаа заштитната ограда, обидувајќи се насилно да влезат во Собранието
Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, полицијата уопотреби солзавец за да ја растури групата.
Министерството за внатрешни работи излезе со став дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир.