И на протестите во Скопје и на оние во близина на Псерадес, селото каде што беше потпишан договорот од министрите за надворешни работи на двете земји, интеревенираше полицијата, наведуваат новинските агенции.
Агенцијата Ројтерс јавува дека во неделата вечер полицијата употребила шок бомби и солзавец за да ги растера протестите од, како што се наведува, неколку стотици националисти.
Очевидци за Ројтерс изјавија дека демонстранти ја каменувале полицијата, извикувајќи „Ќе ги дадеме нашите животи за Македонија“, и „Нема да се откажеме од името“.
Германската новинска агенција ДПА исто така јави дека некои демонстранти фрлале камења и шишиња врз полицајците кои го чувале парламентот.
Тоа, како што се наведува, предизвикало и одговор од страна на полиција која употреби шок гранати и солзавец за да ги растера демонстрантите.
Неколкумина демонстранти, се пожалија на проблеми со дишењето, а имало и приведени.
Оваа агенција потсетува дека претходно во Битола, недалеку од грчката граница, неколку илјади Македонци се собраа на протест против договорот со Грција и оти тој бил организиран од националистичката партија ВМРО ДПМНЕ.
Притоа се потсетува дека илјадници луѓе протестираа со национални знамиња, извикувајќи „Ова е Македонија“.
Светските новински агенции јавуваат дека во неделата грчката полиција употребила солзавец врз толпа луѓе кои протестираа на границата, недалеку од церемонијата на потпишување.
Исто така се потсетува дека претходно и во Атина дошло до интервенција на полицијата за растерување на демонстранитите пред грчкиот парламент.
Новинската агенција Асошитед прес ги пренесува резултатите од истражувањето на јавното мислење објавени во весникот „Прото тема“ според кои скоро 70 насто од Грците се спротивставуваат на компромисот за името.
Агенциите пренесуваат дека договорот треба да биде одобрен од парламентите на двете земји, како и да помине на референдум во Македонија.
Според некои оценки, сето тоа се соочува со тешкотии поради жестоко противењето на грчката јавност, како и најавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека ќе го блокира договорот.