Достапни линкови

Владата го усвои предлог законот за договорот за името


Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името
Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името

Откако Владата го усвои предлог законот за ратификација на договорот за името, тој влегува во собраниска процедура. Иако за негово усвојување е потребно обично мнозинство, од ВМРО-ДПМНЕ, кои се против договорот, најавуваат преземање на мерки за да се спречи негова реализација.

Владата денеска го усвои предлог законот за ратификација на договорот за името со Грција. Предлог законот сега ќе биде доставен до Парламентот, а за негово усвојување е потребно обично мнозинство. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник, што значи дека 31 треба да гласаат „за“, за договорот да биде ратификуван.

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства и нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на името. На прашањето што ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе откако предлог законот беше усвоен во владата и влегува со Собрание, портпаролот на партијата Димче Арсовски го повтори истиот став.

Како што веќе многу пати потенциравме и повторивме на нашите јавни настапи, ВМРО-ДПМНЕ е против содржината на самиот договор којшто беше монополизиран и во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи мерките и делувањата кои ќе бидат во поткрепа на овој наш партиски став. Не би додал ништо повеќе, ќе може да видите во наредниот период“, вели Арсовски.

По усвојување на предлог законот тој треба да биде потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Тогаш законот повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Ратификацијата на договорот за името е поврзана со евроатланската интеграција на Македонија. Имено, се предвидува на 25 и 26 јуни, Советот на министри за надворешни работи на Унијата да даде позитивна препорака од ЕУ, а веќе на 11 јули на самитот на НАТО, „Северна Македонија“ да добие покана за членство под услов да се направи уставна ревизија.

Поранешниот министер за надворешни работи и универзитетски професор Денко Малески во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека придобивка е признавањето на јазикот и народот, а отстапка е промена на Уставот на Македонија.

„Не верував дека Грците ќе се согласат на употребата на името Macedonian language и Macedonian како одредница за нацијата, односно за луѓето кои живеат на територијата на идна Северна Македонија. Просто не верував, мислев тие ќе инсистираат на латинична варијанта на македонски (makedonski) и Македонци (Makedonci) што ќе внесеше прилично немир кај нас и сериозно ќе го растресеше нашиот идентитет. Според тоа, големата отстапка беше да се направи промена на уставното име“, порача Малески.

На есен ќе треба да се одржи и референдум, кој доколку е со позитивен исход ќе следи уставна ревизија. По ратификацијата на договорот во грчкиот парламент, до крајот на 2018 година „Северна Македонија“ би станала 30-тата членка на НАТО.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG