Достапни линкови

Малески – Со договорот за името се извлековме живи


Малески - Договорот за името е координиран напор за мир на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:25 0:00

Малески - Договорот за името е координиран напор за мир на Балканот

Никому не му е пријатно од промената на името, но од таа емотивна ситуација треба да се извлечеме свесно и да тргнеме во една нова ера за поубава и просперитетна земја. Од таа убавина ќе се компензира тоа што сега го дадовме под концесија, вели Денко Малески, универзитетски професор и поранешен министер за надворешни работи,во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре, од овие дваесетина страници договор за името, што според Вас е најголемата загуба за Македонија и што е она што го добила нашата дипломатија во текот на преговорите?

Прво што би кажал е тоа дека ние со овој договор стануваме сојузници со Грција, ги оставаме историските проблеми настрана и тргнуваме во една нова неизвесност, меѓутоа која е врзана за европската перспектива на Балканот. Конкретно за договорот јас лично мислам дека ние со нашата политика во првите децении и обидот да се избегнат обврските од времената спогодба да се најде решение за името преку добивање на признанија од држави под уставното име, а во вториот период преку градење на новиот македонски идентитет, преку поставување на темите на тој идентитет во грчката историја и култура, се доведовме во таква невозможна ситуација, влеговме толку длабоко во „непријателска територија“ што навистина ми беше страв дали ќе се извлечеме живи. Сега гледам дека се извлековме живи, во смисла не верував дека Грците ќе се согласат на употребата на името Macedonian language и Macedonian како одредница за нацијата, односно за луѓето кои живеат на територијата на идна Северна Македонија. Просто не верував, мислев тие ќе инсистираат на латинична варијанта на македонски (makedonski) и Македонци (Makedonci) што ќе внесеше прилично немир кај нас и сериозно ќе го растресеше нашиот идентитет. Според тоа, големата отстапка беше да се направи промена на уставното име.

Токму за уставните измени на кои се согласи Македонија за промена на уставното име се голем дел од критиките во јавноста. Што според Вас ќе значат тие уставни измени?

Прво треба да се каже дека никому не му е пријатно од оваа ситуација во која се најдовме. Никој не легна спокојно таа вечер кога премиерот кажа едно име кое за некои може да делува студено, за друго може да делува како повик за нови поделби и поим на поделеност итн. Тоа е една емотивна ситуација којашто ќе мораме да ја надминеме свесни, а за тоа разумот ни помага, дека тргаме во една нова фаза, нова ера, каде што ќе можеме оваа наша земја да ја уредиме така за да биде убава, пријатна, просперитетна, безбедна. Од таа убавина ќе излезе и нешто што ќе компензира за ова што сега до даваме како концесија, која во основа е навистина географска одредница.

Постои ли опасност референдумот да пропадне?

За референдумот неизвесно е од една причина. Народот премногу долго беше изложен на оваа пропаганда која не беше ограничена од ништо во овие десет години, тоа беше наложена директно, така да речам државна политика. Цела една генерација расте под тоа влијание и навистина не би знаел да кажам каква ќе биде реакцијата во моментот кога ќе дојде време да се изјаснат граѓаните, но важно е оние кои имаат поинакви мислења, живееме во демократија, тоа да го кажат и да укажат дека враќање на претходната политика на конфронтирање со Грција и поставување на темелите на нашиот идентитет во она што тие го сметаат за нивна историја и култура е погубно за државата.

Целото интервју со професор Денко Малески може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG