Македонската Влада денеска го декласифицираше Договорот за решавање на спорот со Грција, чија содржина веќе е објавена во јавноста. Според најавите се очекува договорот да биде потпишан во Преспа, но се уште нема официјална информација кога точно тоа ќе се случи. Неофицијално се споменува дека Зоран Заев и Алексис Ципрас во сабота ќе заминат за Преспа (на грчка територија), а договорот ќе го потпишат шефовите на двете дипломатии Никола Димитров и Никос Коѕијас, како што стои во договорот.
Од Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, не ги потврдуваат информациите дека на потпишувањето на договорот ќе присуствуваат еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешни работи Федерика Могерини, како што објавија некои грчки медиуми.
Во текот на утрешниот ден треба да се одржи расправа во грчкиот парламент, каде што премиерот Алексис Ципрас ќе го образложи договорот пред грчките пратеници.
Во текот на јуни треба да се случи и ратификација на договорот во македонското собрание, а по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпишува договорот можно е процесот да биде забавен. По ратификацијата официјална Атина треба да испрати допис до НАТО и ЕУ во кој ќе пишува дека ја поттикнува интеграцијата на „Северна Македонија“ во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ, но под услов да се заврши со уставната ревизија. Интеграцијата во НАТО и отворање на поглавјата со ЕУ, според грчки извори, ќе биде откако ќе се заврши со уставната ревизија.
На 25 и 26 јуни, Советот на министри за надворешни работи на Унијата треба да даде позитивна препорака од ЕУ, а веќе на 11 јули на самитот на НАТО, „Северна Македонија“ да добие покана за членство под услов да се направи уставна ревизија.
Како што е веќе познато на есен ќе се одржи референдум, а по него под претпоставка дека ќе има позитивен исход ќе следи уставна ревизија и допис од премиерот Заев до земјите што ја имаат признаено Македонија под уставното име дека новото име е „Северна Македонија“. По ратификацијата на договорот во грчкиот парламент, до крајот на 2018 година „Северна Македонија“ ќе стане 30-тата членка на НАТО.
Што содржи договорот?
Според објавенто во медиумите, во договорот за решение на спорот за името, земјата се обврзува новото име преку амандманска интервенција да го постави за ново име на државата во Уставот.
Идентитетот останува македонски, a во патните документи ќе стои граѓани на Република Северна Македонија.
Во делот за официјалниот јазик стои ,,македонски јазик, регистарските таблици би биле со код ,,НМ" или ,,НМК" додека дека националните кодови ,,МК" и ,,МКД" остануваат како што налага Mеѓународната агенција за стандардизација.
Во членот 7 од Договорот стои дека: Сфаќањата на двете страни за термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.
Според Договорот, кога Грција ги користи овие термини тие не се однесуваат само на делот на Македонија кој е во нејзината територија, туку и на Хеленистичката цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката па до денес.
Кога пак, македонската страна ги користи овие термини, тие се однесуваат само на нашата денешна територија, јазик, луѓе, со нивна сопствена историја, култура и наследство, кое се разликува од она во претходниот член.