Постигнавме многу и не се враќаме на почеток, изјави премиерот Зоран Заев во пресрет на новата средба која на 24 и 25 мај ќе се одржи во Њујорк меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц. Заев останува на ставот дека "Република Илинденска Македонија" е достоинствено решение кое, како што вели, го јакне нашиот идентитет и би било прифатливо за мнозинството граѓани.
„Јас верувам дека ова е вин - вин ситуација и уште еднаш ќе кажам дека очекувам разговорите да продолжат, очекувам длабински да се разгледаат работите од сите страни за да можеме да му дадеме шанса на овој предлог којшто верувам дека е решение за дваесет и петгодишниот спор,“ изјави Заев.
Заев истакнува дека процесот нема да се врати назад бидејќи како што вели постигнат е голем напредок.
„Состанокот во Њујорк беше претходно закажан и ние само го потврдивме, учествуваме и ќе продолжиме натаму. Блиску сме. Напоменувам дека зборуваме за пакети, заради тоа што не може да се очекува уставна промена во Македонија за кое било решение. Затоа прифативме ние уставна промена, затоа што е решение кое не не понижува, го сочувува нашето достоинство, а идентитетските прашања се фиксирани, а притоа ги исполнуваме и нивните услови. Верувам дека и оваа средба ќе даде решенија, никогаш нема да се вратиме на почетокот, туку на разработување на варијанти коишто кога сме веќе толку блиску ќе не доведат до конечност,“ рече Заев.
Домашните аналитичари немаат големи очекувања од средбата во Њујорк. Оптимизмот дека прашањето ќе се затвори набрзо полека спласнува,особено откако Грција индиректно го отфрли предлогот „Република Илинденска Македонија“. Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека тоа што Грција го одбила предлогот, не ја влошува, туку само ја зацврстува позицијата на македонската страна.
„Грците бараа ерга омнес и фактички добија, но за решение кое се претпоставуваше дека е прифатливо за граѓаните на Република Македонија и со ова Македонија покажа сериозност во однос на пристапот за конечно решавање на спорот. Од друга страна, како што беше кажано за овој предлог се согласил и грчкиот премиер Ципрас, и после ова да е ретерира и да се одбие како решение, мислам дека е несериозно до грчката страна особено кога се работи за вакви преговори за чувствителни прашања“, изјави Незири.
Незири не очекува позитивен развој на преговорите, без како што вели интервенција од трета страна.
„Мислам дека без некоја дипломатска интервенција од страна на САД во овој момент не верувам дека преговорите може да имаат смисла и да се стигне до решение. Каде е сега таа гаранција дека Грција повторно нема да ретерира од евентуален договор? Мора да се инволвира некој дипломат кој ќе биде некаква гаранција дека решението до кое ќе се дојде нема да се одбие кога министрите ќе се враќаат дома,“ смета Незири.
Оптимизмот дека прашањето ќе се затвори до самитот на ЕУ во јуни, спласна пред два дена, кога на индиректен начин, преку ставот дека согласно со предлозите на посредникот во спорот Метју Нимиц треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница, од кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас го отфрлија прифатениот предлог од македонска страна за „Република Илинденска Македонија“ .