Пратениците едногласно со 69 гласа „за“ го ратификуваа договорот за името со Грција. На седницата не учествуваа народните избраници од опозицијата. Гласањето беше поздравено со аплауз и со честитки до премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој ги предводеше преговорите. Заев во воведниот говор порача дека постигнале договор со јасни обележја на македонскиот јазик и идентитет.
„Потписите на историскиот договор во Преспа го заштитија нашиот идентитет за век и веков. Почитувани пратеници и почитувани граѓани никому ништо не сме му подариле, ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географска одредница. Овој храбар и стратешки чин е кулминација на сите наши напори како држава. Ова е израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните на нашите две земји. Се издигнавме над стравот за да обезбедиме безбедна и спокојна иднина“, рече Заев.
Пратеникот од ДУИ, Артан Груби порача дека денес се носи најдобрата можна одлука и тие што го поддржуваат договорот се херои оти обезбедуваат сигурна иднина за државата.
„Денешната одлука ја бетонира државноста на Република Македонија. Го зајакнува внатрешното заедништво и ни овозможува иднина на нас и на генерациите по нас. Ни носи датум за преговори за членство во ЕУ и поканата за полноправно членство во НАТО“, истакна Груби.
Тој и порача на опозицијата дека не е на правилната страна на историјата со тоа што отсуствува од донесувањето на договорот со кој Македонија го избрала западот, наместо изолацијата, дестабилизацијата и истокот.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев додека траеше седницата на прес конференција порача дека владата, на мала врата без дебата преку кршење на деловникот го усвојува договорот.
„Ние за ваквиот противуставен договор ќе побараме и толкување од Венецијанската комисија за утврдување на правната природа на истиот договор. Имаме изигрување на правото и правната држава со цел легализирање на ова капитулантско дело. Тоа мора да биде правно санкционирано“, потенцираше Данев.
Пред гласањето премиерот Заев информираше дека Северноатланскиот Совет донел одлука да биде прифатена точката за поканата за членство на Македонија во НАТО.
„Во најава е покана за полноправно членство во НАТО“, рече Заев што беше поздравено со аплауз од пратениците.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во истовреме изрази надеж дека Македонија може да добие покана на претстојниот самитна Алијансата кој треба да се одржи на 11 и 12 јули.