Достапни линкови

Образованието да биде приоритет за дебарските Роми


Неопходно е образованието да стане приоритет за интеграција на Ромите во Дебар за да се подобри нивната позиција во општеството.

Ромската етничка заедница во Дебар продолжува да се соочува со бројни проблеми и сè уште не е интегрирана целосно во општеството. Оваа оценка ја изнесуваат претставниците на невладиниот сектор на Ромите во Дебар, кои потенцираат дека и по Декадата на Ромите и бројните проекти кои се реализирани досега, нема подобрување на нивната положба. Според претседателот на здружението „Месечина“, Илми Куртиши, за да се подобри позицијата на Ромите во овој град, неопходно е приоритет да добие нивното образование.

„По добиените податоци од анкетите, интервјуата и документите на надлежните институции, произлегува дека приоритет на Ромите во Дебар е потребата од поголемо образование на оваа популација. Цврсто веруваме дека ако сакаме еманципација и интеграција на оваа етничка заедница, треба да има понагласено образование за да има повеќе кадри. Со овој приоритет сакаме да создадеме простор и можност за да имаме повеќе млади стручни кадри“, вели тој.

Во оваа здружение велат дека Ромите тешко се вработуваат во локалните и централните институции со што масовната емиграција е сè помасовна.

„Последните години бележиме масовна емиграција на Ромите од Дебар во земјите на Европската унија. Основна причина е невработеноста, а со тоа и нискиот стандард. Голем број од оваа популација е на списокот на лица кои добиваат социјална помош од надлежната институција. Токму поради овие причини мора да се изнајде начин оваа заедница целосно да се интегрира во општеството“, вели Куртиши.

Со цел да се подобри положбата на Ромите, здружението во соработка со институциите на локално и централно ниво, но и со меѓународни донатори подготвува нови проекти особено за подигање на свеста кај оваа заедница, за продолжување на школувањето на младите Роми.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG