Достапни линкови

Ромите најмалку застапени во локалните заедници


Фатима Рамадановска и Александра Георгиевска од Националниот ромски центар од Куманово
Фатима Рамадановска и Александра Георгиевска од Националниот ромски центар од Куманово

Другите етнички заедници во Куманово повеќе се запознаени со своите права, затоа што генерално немаат проблеми со образованието. Ромите се соочуваат со сите проблеми уште од мали нозе, велат во Националниот ромски центар од Куманово.

Граѓанското здружение Национален ромски центар од Куманово, со финансиска поддршка од Европската унија, во соработка со Здружението „Авена“ од Кочани, вклучувајќи ги и градовите Тетово, Битола и Прилеп, го финишира 18-месечниот проект насловен „Подобрување на учеството на малите етнички заедници на локално ниво“. Во проектот, освен граѓански здруженија, учествувале и претставници од безмалку сите надлежни институции. За застапеноста на малите етникуми, според Александра Георгиевска, координатор на проектот, резултатите покажале дека најмаргинализирана е ромската етничка заедница.

„Многу мала застапеност, во некои општински совети дури воопшто не се вклучени, немаат свои претставници. Во Куманово и во Тетово формално постојат комисии за односи меѓу заедниците, но не работат поради финансиски средства“, вели таа.

Во Куманово, како мултиетничка заедница, Србите, Власите и останатите не се соочуваат со исти проблеми како Ромите. Овие етникуми повеќе се запознаени со своите права, затоа што тие немаат проблеми со образованието. Ромите се соочуваат со сите проблеми уште од мали нозе.

„Потоа се соочуваат и со понатамошни проблеми, како последица на тоа што немаат образование, што со другите заедници не е случај“, вели таа.

Целта на проектот била изготвување стратегиски планови кои биле доставени до Општината со три приоритети, детектирани преку разни активности. За Куманово конкретно се работи за образование, животна средина и култура.

„Во образование и животната средина најмногу се засегнати Ромите, додека во културата речиси и да нема изостанување“, вели Георгиевска.

Фатима Рамадановска, финансиски менаџер на проектот, додава дека преку овој проект е направен обид за зближување на граѓанските здруженија со локалната заедница.

„Затоа што преку комуникацијата може да се остварат многу повеќе активности и многу повеќе планирани реализации што сакаме да ги постигнеме преку каков било проект“, вели таа.

Задоволни се од резултатот на проектот, поради добрата соработка со граѓанските организации и општинските претставници со желба и понатаму да се продолжи со вакви активности и средби во интерес на подобрување на состојбата на малите етникуми, особено на ромскиот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG