Достапни линкови

Невработеноста кај Ромите двојно повисока од просекот


Tрибина „Вработување на млади Роми“ се одржа во Битола.
Tрибина „Вработување на млади Роми“ се одржа во Битола.

Невработеноста кај Ромите достигнува до 53 проценти. Како една од главните причини за невработеноста на Ромите се посочува недостигот на соодветно образование и други дополнителни вештини.

Ромите се соочуваат со двојно поголема стапка на невработеност во споредба со другото население во земјава, истакнаа од Центарот за економски анализи на трибината „Вработување на млади Роми“ одржана во Битола. Нивното истражување откри дека невработеноста кај Ромите достигнува до 53 проценти, додека кај другото македонско население е на половина. Најлоша е ситуацијата кај Ромките зашто дури 75 проценти од нив се невработени. Се смета дека ни ова не се комплетни податоци, зашто добар дел од невработените Роми не се пријавуваат во Агенцијата за вработување.

Ромите се жалат дека само пред избори им се ветуваат вработувања, а потоа останува да преживуваат од социјална помош, за која велат дека им ја укинуваат дури и ако роднините од странство им пуштат пари на сметка.

„Колку од нас се вработени? Од 1 600 вработени само четири Ромки во различни градови се вработени. Јас имам повеќе занаети, а сум без работа. Петнаесет дека пред избори ни ветуваат вработување, а потоа ништо. По ѓубрината одиме, збираме пластики, шишиња, инаку како ќе преживееме? Ако питаме и за тоа в затвор не земаат. Ако ни почине некој и ни пуштат роднини од Германија пари за да го погребаме, да не остане мртовецот на улица, и за тоа ни го запираат социјалното“, вели Сељадин Имеровски, жител на Битола.

Во истражувањето беа опфатени 40 компании, 80 невработени Роми и беше направена анализа на пазарот на трудот. Како една од главните причини за невработеноста на Ромите се посочува недостигот на соодветно образование и други дополнителни вештини.

„Главните причини за неповолната состојба, младите Роми ги гледаат во недоволното и неадекватно образование што го имаат, во недоволниот број на достапни работни места, неусогласност меѓу потребите на работодавачите и квалификациите на работната сила, немање на работно искуство“, рече Габриела Димовска од Центарот за економски анализи.

Таа додаде дека „најголем дел од лицата кои бараат работа немаат или во мал дел ги познаваат вештините што ги бараат работодавачите. Во однос на степенот на поседување на дополнителни вештини од она што им е основна струка, како што е познавање на странски јазик или компјутери, како и плетење, везење кај жените или други технички вештини на мажите Роми, најголемиот дел од испитаниците спомнале дека не поседуваат ни основно ниво на познавање на вакви вештини. “

Преку овој проект ќе се обезбеди бесплатна обука на млади Роми, нивно ангажирање како практиканти во одредени фирми, а ќе им биде олеснет и пристапот кон пазарот на трудот.

Покрај невработеноста, како проблем се посочуваат и ниските примања на поголемиот дел од вработените Роми. Тие најчесто се движеле до 6.000 денари или за некои со повисоко образование до 10.000 денари, односно до висина на минимална плата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG