Достапни линкови

Да се стави ред кој и како може да отвори факултет


Студенти, факултети
Студенти, факултети

Големиот број факултети влијаат на намалувањето на квалитетот на наставата. Македонија нема толкав број на професори колку што има факултети, велат дел од професорите.

Носењето на Закон за високо образование поинаков од оној кој на претходната власт ѝ донесе големи студентски протести, се дел од суштествените промени коишто ги најави Министерството за образование, но дали ова е доволно за во Македонија конечно да има образовен систем со европски перспективи? По студентските протести во 2014 година кои беа пред сè поврзани со државниот испит и критериумите за избор во звање на наставници, дел од студентите велат дека во високото образование постоеја и повеќе други проблеми кои остануваат предизвик, а меѓу нив некои ги истакнуваат физичките услови на факултетите. Останати проблеми кои се споменуваат се поврзани со давачките на студентите, а тука влегува и експанзијата на факултети. Дел од нив нагласуваат дека очекуваат и поголема студентска инклузивност.

„Проблемот е што мислам дека не се слушаат студентите што тие сакаат, туку повеќе како другите мислат. Зборувам и со други пријатели на други факултети. Сите сме под стрес, сè ни доаѓа наеднаш“

„Ако некои студенти се квалитетни, а немаат пари, нема да може да студираат, тоа е еден проблем.“

„Студирањето на државниот не е скапо. Државна квота чини 200 евра.“

„Во приватна квота на државниот факултет сум. Чини 400 евра. Плус книги и превоз, годишно е 700 евра. Многу е, но тоа зависи колку поени имав на почетокот.“

Квалитетот е добар и задоволна сум. Во државата има сè повеќе факултети, но тоа не значи дека е квалитетна наставата на секој од факултетите“, велат анкетираните студенти.

Константин Битраков, поранешен член на Студентскиот пленум, вели дека на државниот универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје се потребни посериозни реновирања, а очекува да ги види и резултатите од имплементацијата на одредбите од новиот закон, кои треба да иницираат промени во поглед на студентската репрезентативност. Во изминатиот период постоеја сериозни индиции дека „претставниците“ на студентите ја злоупотребуваат својата функција, односно ја искористуваат за низа други цели наместо да се борат за правата и статусот на оние кои ги претставуваат, и дополнува дека тоа не смее повеќе да се повторува.

Битраков исто така смета дека треба да има ревизија на високообразовните институции кои се акредитирани, додавајќи дека постојат сомнежи оти не секој од нив ги исполнува стандардите кои секој универзитет треба да ги исполнува.

„Голем дел од факултети имаа незавидни услови и недостаток на средства, библиотечниот фонд е слаб, техничко-технолошките иновации не се користат при наставата. Неопходни се посериозни реновирања. Потоа има проблеми со студентските претставувања кои се провлекуваат со години. Ќе видиме како ќе се применат одредбите од новиот закон и дали тие ќе го решат проблемот или не. Неопходно е да дојде до форма на студентско организирање кое ќе овозможи повисока инклузивност на студенти и секој студент треба организацијата да ја чувствува како нешто свое, а не за перење пари. Ги има и сите останати проблеми поврзани со давачки на студентите и со квалитетот на наставата, а тука би влегле и приватните универзитети“, изјави Битраков.

Вреди да се каже дека истражување на квалитетот на студирањето на приватните и на државните факултети не е правено и поради тоа не може да се даде оценка за квалитетот на наставата. Но, Битраков вели дека има индикатори кои зборуваат дека на сметка на големиот број факултети е опаднат квалитетот.

„Мојот личен став е дека е опаднат квалитетот, особено кога станува збор за науки каде има повеќе приватни факултети, како на пример општествени, економски, правни факултети и факултети поврзани со бизнис, кои се премногу за вака мала држава и дефинитивно говори дека се отвораат пред сè врз база на персонален интерес, а не врз база на потребите на пазарот или потребите во науката. Квалитетот е опаднат, а за тоа има повеќе индикатори и премногу дипломирани лица и лица кои откако ќе дипломираат не може да најдат работа на пазарот на трудот или ќе најдат, но не може да ја задржат“, вели Битраков.

Дел од професорите велат дека состојбата во високото образование е загрижувачка и оти постои експанзија на високообразовни институции со низок квалитет. До нивниот коментар доаѓа по најавите дека со новиот закон за високо образование, Одборот за акредитација ќе се трансформира во Агенција за квалитет во која издвоено ќе делува Одбор за акредитација и Одбор за евалуација.

Дел од нив посочуваат дека во изминатите десетина години се пристапило кон отворање на приватни факултети како профитабилни организации.

Професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје вели дека, иако државниот УКУМ, во однос на квалитет на наставата, е во предност пред приватните и јавните универзитети, студентите им даваат предност на полесните услови за студирање, а на УКИМ од година во година има сè помал прилив на студенти.

Тој посочува дека квалитетот на наставата на УКИМ барем за македонски услови е на највисоко ниво.

„Држиме до квалитет на наставата, проблем е што сè помалку и помалку имаме прилив и сè помалку има прилив на квалитетни деца. Порано кај нас секогаш три кандидати за едно место конкурираа, а сега едвај да ја пополниме квотата. И конкуренцијата си го прави своето. Тие што имаат пари, а не сакаат да учат, ќе одат на другите јавни или приватни факултети и ќе завршат. Овде кај нас не може на тој начин, едноставно мора знаење. Но, затоа пак сите компании, меѓународни и домашни, кои бараат правник, инсистираат да биде од УКУМ. И нашите кадри кои одат надвор, на пример ако магистрирал кај нас, сите со брилијантни оценки докторираат, и за жал не се враќаат овде бидејќи ние не може да ги апсорбираме, за вработување нема автоматизам, се чека со години да се обнови кадарот. Но, веројатно во државава некој ќе се освести да види дека навистина високото образование вреди и дека е инвестиција во развојот на државата“, вели професор Давитковски.

Во Македонија има најмалку 25 високообразовни институции од кои шест се државни.

Во суштина, критиките на дел од професорите се сведуваат на послаб квалитет на знаењето кое студентите го стекнуваат на дел од факултетите и универзитетите.

„Јас би рекол дека сме го пробиле плафонот од она што е потребно. Прво во поглед на државните универзитети, ако Србија со 7,5 милиони жители има 8 државни универзитети, Македонија со 2 милиони не може да има шест. Тоа не е вистинска потреба, причината за тие шест што постојат кај нас треба да се бараат на друго место, не кај реалните потреби“, вели професор Владимир Петрушевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во јавноста се потенцираат низа причини кои се согледуваат како слабост во функционирањето на високообразовните институции, како што е недостаток на адекватно утврдени критериуми за проверка на квалитетот на наставата и на знаењето на студентите.

Од гледиште на општиот интерес, имајќи го предвид знаењето на поединечни студиски програми, за општеството оправдано во расправата околу трансформацијата на одборот за акредитација се бара и во ова тело да членуваат луѓе со кредибилитет и желба да ги променат состојбите.

Проректората на приватниот Факултет за општествени науки ФОН, професор Лидија Гурачинова Илиева, вели дека основањето на приватните универзитети пред 15 години беше овозможено со цел да се подигне квалитет во високото образование и додава дека се согласува дека некои приватни институции не ја оправдале оваа важна улога.

„Но, да се посочуваат во целина приватните универзитети како единствени виновници за евидентно опаднатиот квалитет на високото образование е неодговорно и неточно. Парите не играат речиси никаква улога. Потврда за тоа наоѓам во фактот дека според официјалните статистички податоци, само околу 7 отсто од студентите се запишуваат на приватни факултети, а тоа значи дека нивното влијание е незначително, односно дека важи спротивното, а тоа значи дека државните факултет го детерминараат квалитетот односно неквалитетот“, вели професор Гурачинова Илиева.

Професорите нагласува дека во иднина клучно е државата преку своите институции одговорно да работи и да го проверува и стимулира квалитетот во високото образование според европски стандарди. Според нивните согледувања, Одборот за акредитација треба да биде селективен и непоткуплив и во него да ни бидат назначувани луѓе по партиска линија.

Професор Дана Прелиќ од Институтот за биологија при ПМФ вели дека е потребно квалитетот и знаењето да се сконцентрираат на едно место и да се произведуваат квалитетни кадри.

„Моето мислење е спротивно од она - повеќе квантитет значи повеќе квалитет. Ние сме многу мала држава. Да продуцираме кадри кои навистина ќе може да се вклучат во општеството и ќе ја унапредат државата. Еве, ние во природните науки да произведеме кадар кој навистина ќе биде функционален, дали како професори по биологија или кадри кои ќе работат во лаборатории итн. Значи колку повеќе факултети, толку поголем неквалитет. И Одборот за акредитација треба да биде високо селективен“, вели професор Прелиќ.

Според професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје, причините за лошиот квалитет на дел од високообразовните институции треба да се бараат и во недостатокот на квалитетен наставен кадар. Тој посочува дека на факултетите за правни науки има случаи каде наставата за пет до осум предмети ја изведува еден професор, а оти во некои случаи професор предава и 10 предмети.

„Во Македонија има 22 јавни и приватни правни факултети. Кога ќе го соберете вкупниот број на наставници, Правниот факултет во Скопје, кој нема дисперзирани студии, има ист број на наставници колку сите останати 21 други кои изведуваат правна настава. Еден факултет имаме 65 наставници, а другите 21 имаат вкупно 60 наставници. По тоа ќе видите каков е квалитетот и на тие јавни, особено на приватните. Нема наставник кој нема под пет предмети до осум, а некаде има дури и 10 предмети. Практично пола факултет студентот кај еден наставник ќе го полага и ќе слуша настава и ќе полага, зборувам сега само за правните факултети“, вели професор Давитковcки.

Инаку, очекувањата на професорите и на студентите се дека новиот закон во пракса ќе ги инкорпорира фундаменталните вредности на високото образование и ќе овозможи исто така и соодветно ниво на автономија на универзитетите. На тој начин, според нив, би се подобрила севкупната состојба во високото образование, а универзитетите ќе бидат подготвени навистина да им понудат универзално знаење на младите граѓани со цел демократизација и развиток на нашето општество.

Студентски протести во Франција и во Унгарија

Студентски глас за современо образование
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:43 0:00

На оваа тема од светот, актуелни се студентските протести против реформата на високото образование во Франција. Студентите главно се побунија поради предвидените измени за упис на факултетите. На почетокот на годинава, пак, неколку илјади унгарски ученици и студенти протестираа пред парламентот за да бараат реформи на образовниот систем за кој велат дека не успевал да ги подготви за живот во 21 век.

Гоце Атанасов

Парискиот универзитет Сорбона неколку дена беше затворен во почетокот на април откако полицијата исфрли околу двесте студенти кои протестираа против реформата на високото образование во Франција. Тие главно се побунија поради предвидените измени за упис на факултетите. Протести имаше и на други факултети во Франција, а претседателот Емануел Макрон им порача на студентите дека наместо да протестираат, „подобро ќе им биде да се подготвуваат за испитниот рок“.

Маруан Мајрар, портпарол на Студентската федерација на независни и демократски средни училишта, тогаш изјави:

„Денес ние се мобилизираме против овој закон за пристап до универзитет, против законот Видал, кој ќе воспостави принцип на селекција на универзитетите врз основа на оценките на учениците и социјалното потекло. Денес, универзитетот треба да биде место каде што секој може да има пристап, тоа е јавно место на знаење кое секој може да го има. Место на разновидност“, рече тој.

Луј Бојард, претседател на Националната унија за ученици од средните училишта, пак смета дека ова станува големо движење:

„Тоа е движење во формирање, социјално движење против образовната политика на Емануел Макрон, но исто така и уништувањето на јавниот сервис“, рече тој.

Во почетокот на годинава пак, неколку илјади унгарски ученици и студенти протестираа пред парламентот за да бараат реформи на образовниот систем за кој велат дека не успевал да ги подготви за живот во 21 век. Учениците сметаат дека системот е премногу фокусиран врз учење напамет и слепа меморија на факти и не поттикнува критичко размислување или креативност. Критичарите на десничарската влада на премиерот Виктор Орбан велат дека не успеале да ги реформираат големите државни системи, како што се образованието и здравството, кои пак страдаат од голем одлив на паметни млади Унгарци во Западна Европа.

Балаш Фузва вели:

„Ова е фундаментално реформски протест, но ние исто така можеме да го наречеме протест против владата, бидејќи ја критикува работата на владата во областа на образованието“, вели тој.

Студентот Балинт Тули, пак вели:

„Ќе ни треба максимална либерализација на образовниот систем. Сега тука нема слобода, пазарот на учебници е монополизиран како и издаваштвото на учебници“, вели тој.

„Праведно, демократско и модерно образование за сите ученици“, се порачува во брошурата подготвена од организаторите на овие протести кои побараа слободен избор на учебници, порешавачки збор на студентите во образовните работи и намалување на задолжителните училишни часови. Орбановата партија Фидес, која е на власт од 2010 година, на изборите 8 март освои трет мандат по ред. Орбан го искористи своето време на функцијата да преработи стотици закони, уставот и да ја централизира власта. Неговите реформи, како оние за образованието, судството и медиумите, предизвикаа конфликти со Европската унија. Европската комисија во април лани започна правна постапка против Унгарија во врска со новиот закон за високо образование, оценувајќи дека тој не е компатибилен со основните слободи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG