Достапни линкови

Науката се сфаќа како товар, а не развој на општеството


Архива: Министерката за образование и наука Рената Дескоска го презентира Буџетот за образование за 2018 година.
Архива: Министерката за образование и наука Рената Дескоска го презентира Буџетот за образование за 2018 година.

Во Македонија пред десет години престанало финансирањето на научно-истражувачки проекти, велат универзитетски професори. Министерката за образование и наука Рената Дескоска вели дека треба со закон да се направи притисок секоја идна влада да финансира научни истражувања.

Македонија е единствената земја во Европа која не издвојува средства за научно-истражувачки проекти, вели професор Виктор Стефов од Природно-математичкиот факултет во Скопје и поранешен раководител на Секторот за наука во Министерството за образование и наука во периодот меѓу 2002 и 2006 година.

Тој истакнува дека ваквата состојба е од 2008 година, посочувајќи дека Македонија е на дното на Европа и според буџетот за наука, со процент кој се движи од 0,2 до 0,4 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).

„Во оној дел во Министерството за образование и наука, кој практично е основан за поддршка за научно-истражувачка работа во државата, тој континуирано се намалува, ако не ги земеме предвид оние средства кои се наменети за институтите за научно-истражување како нивните плати, тука доаѓаме до некоја цифра од 60 милиони денари, што не е одржливо“, вели Стефов.

Тој додава дека иако пред 2008 година средствата за научно-истражувачка работа не биле значително големи, постоела тенденција за континуирано нивно зголемување, а биле и поставени темели за билатерална соработка за нучно истражување со други држави.

„Редовно секоја година имаше конкурси за научно-истражувачки работи на институтите и на универзитетите. За жал, сето тоа некако замре и онаа свест на тие што одлучуваат за финансирање на науката е како ние да сме товар, а не развој на општеството“, вели Стефов.

На прашањето зошто една деценија не се финансира научно-истражувачка работа во Македонија, министерката за образование и наука Рената Дескоска за РСЕ вели дека не знае зошто, посочувајќи дека веројатно во изминатиов период науката во земјава не била приоритет.

„Во овој период, јас откога сум тука, имаме финансирање на билатерални проекти со одредени земји, тука стимулираме пристап на меѓусебно поврзување на нашите истражувачи со други во странство. Исто така сега правиме обиди за поуспешно аплицирање на нашите истражувачи во програмите „Хоризонт 2020“, кои за жал статистиката покажа дека не се искористени во Република Македонија“, вели Дескоска.

Програмата „Хоризонт 2020“ е финансиски инструмент на Европската унија (ЕУ) со кој се поддржува истражувањето и иновациите.

Дескоска додава дека сакаат да создадат законска рамка која, како што вели, ќе значи притисок за секоја идна влада да финансира истражување.

„Ставивме одредени гаранции во Законот за високо образование којшто ќе значи обврска државата да финансира определени истражувања, обврска за финансирања на научни престои, обврска за финансирање на објавување на трудови кои во моментот постои, но во новиот закон ќе има поширок опфат. Исто така, следен кој ќе ни биде на дневен ред за измена, ќе биде Законот за научно истражување“, вели Дескоска.

Во однос на науката, професорот Стефов посочува на Словенија, земја со која, како што вели, Македонија има сличен број на население и големина на територија, а таа за наука издвојува над два отсто од БДП и доколку се земе предвид колку изнесува нејзиниот БДП, тоа се милијарди евра за наука, што е неспоредливо со Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG