Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс од Белгија, Фидан Бејтулаху од Косово, Јулиа Хопкинс од Велика Британија, Рената Папишта од Босна и Херцеговина, Рок Богатај од Словенија и Ана Јовановска, Ангел Миов и Горанчо Ѓорѓиевски од Република Македонија се деветте афирмирани уметници, чие творештво се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа уметностите и кои од 15 до 22 август минатата 2017 година, учествуваа на традиционалната 28 меѓународна ликовна колонија Галичник.
По нешто повеќе од половина година делата од оваа плодотворна средба во живописното место со своја богата културна историја и традиција, под заедничкиот именител „Common Space“, се веќе изложени во галеријата „Collegium Artisticum“, во рамките на официјалната програма на престижната балканска културна манифестација Сараевска зима со која долго наназад во времето се гордее босанско-херцеговската метропола.
И додека посетителите, се до 14 март, ќе ги бележат своите впечатоци за поставката, кураторката на проектот Ана Франговска, пригодното писание ќе го започне со неколку прашања: Дали е возможно да се опише едноставно што е тоа поинакво што го нуди Галичник како место? Дали е возможно со малку зборови да се опише зошто во тие малку денови се создава толку многу креативна енергија? Дали може да се каже како апсолутната слобода и навидум индолентен однос прераснува во одговорност и поврзувачка моќ која раѓа нови духовни слоеви? Дали детето, кучето, домашната средина се предност или слаба страна? Дали пак новите медиуми, кои ги воведов пред 8 години, се погодок или грешка, бидеќи никогаш незнаеш што и дали воопшто ќе добиеш нешто како резултат на еднонеделниот „креативен одмор“? И дали овој кураторски текст ќе прерасне во исповед, наместо во анализа, како концепт по себе, или чувствувам морална должност да дадам вовед?
И по вака „испуканите“ белешки Франговска со одговор дека всушност „учесници на последната сесија на Галичката колонијата од август 2017, всушност и ги дале одговорите на нејзините прашања и докажале дека Галичник за уметниците е Сродно место кое се приврзува за срце на секој еден кој ќе ја почувствува близината на ѕвездите таму“.
„Уметниците кои учествуваат доаѓаат со свои сознанија и претходни работни концепти кои ги истражуваат и работат. Галичник им нуди веројатно едно ново ослободувачко чувство, една вдахновеност, една можност за интерконекција, и физичка и духовна. Платформа каде може на поинаков начин да се исполат и реализираат многубројните „лични пејзажи“, или „пејзажи на душата“, да се „соработува“ со локалното, со даденото, или пак со стекнатите искуства и сознанија за сличното или различното, за нештата кои не оптеретуваат и морат, на кои сакаме да реагираме или да бидеме социјално ангажирани. Така се создаде Common Space, со многу разговори, со многу дружења, со многу непроспиени ноќи, со неповрзани и неважни разговори или со сериозни и опсежни анализи, критики, сугестии и развивања на нови идеи. Делата се само производ кој нужно следеше на доживеаното и кои како визуелна матрица нудат интеракција со публиката“, вели кураторката.
Понатаму во текстот од каталогот Франговска со појаснување дека „влијанието на локалниот пејзаж и визуелната промена и сензации направени со директно или индиректно интервенирање од човековата рака ги инспирирале делата на Рок Богатај (фото-документација од инсталација ин ситу) и Симон Далеманс (фотографии)“. Дека „Светлана Волиќ (повеќеканално видео) и Рената Папишта (полиптих од фотографии) пак, користат некои претстави од Галичник, кои се само сегмент од многубројните други претстави и имиџ колажи со кои се доловува концептуалност, фрагилност, постојаност, заборав, мобилност, присуство на духот, своевидни внатрешни пејзажи на опстојувањето“. Згора, таа забележува, дека „Фидан Бејтулаху во своето видео се занимава со компарација на ритуалите и обичаите на двата соседни народи (Косовари и Македонци), кои се толку различни, а толку слични“, а за Џулија Хопкинс ќе потсети дека „е воодушевена од Скопската бруталистичка архитектура која е занемарена и надвладеана од небулозниот необарок – неокласицизам на објектите од Скопје 2014“.
За македонските творци Ана Јовановска, Ангел Миов и Горанчо Ѓорѓиевски, пак, таа со оценка дека „се понастрана од локалниот контекст виден во директна смисла, но дека говорат за прашања кои се социјално ангажирани (како во делото на Јовановска која го артикулира своето родно Куманово преку интердисциплинарно интервенирани фотографии на одредени негови локации пред и по интервенција); поставуваат прашања за улогата на авторот, неговата себеидентификација и границите на игривоста со која се создава едно уметничко дело (Миов со своето видео „Цртеж или портрет или патка“) или пак ја проблематизираат позицијата на кураторот во едно општествено уредување или пак говорат за моќта како уметник, да цитира, реинтерпретира и иронизира, при тоа и кураторот и уметникот се клучен дел во магичниот политичко-социјален круг ( „Горански ... Чекајќи го“ на Ѓорѓиевски).
И конечно, Ана Франговска, наследничката на иницијаторот на Колонијата – уметникот Нове Франговски, со заклучок дека „секоја резиденција е своја приказна, креативна, енергична и моќна, а уметниците од Common Space го докажаа тоа, укажувајќи на силината на идејата и на опстојноста која една резиденција од мал пост-транзициски профил може да ја има“.