Ликовниот февруари во Галеријата на Младински културен центар – Скопје, онака како што впрочем и прилега, започна со претставување на еден млад и смел уметник. Со изложбата „Таа“, или ако сакате „SHE“, на 21-годишниот Давор Кешќец, студент на трета година на Академијата. Ова е негова трета и прва „институционална“ самостојна изложба, која се надоврзува на претходните две негови претставувања во градските клубови со кои тој го најави своето громогласно и засебно доаѓање на уметничката, односно на македонската (суб)културна сцена.
Во своето обраќање до јавноста печатено во каталогот за поставката тој ќе напише: Зошто баш таа или зошто баш „SHE“ ? Затоа што: She is the one, She is sensation, She belongs to me, She so cold, She is so hot, She don't talk to me, She is a rainbow, She is so heavy...се само дел од песните на бендовите што јас ги слушам. Инспирацијата и влијанието е од едноставноста, повторувањето, жестината и мистичноста на рокенролот и љубовта.
А, згора на тоа кога со влегувањето во Галеријата додека ви лута погледот по изложеното директно во главата ќе ве погодат рефрените на БИТЛСИ, СТОУНСИ, Боб Дилан, тогаш несомнено на виделина излегува енергијата на овој млад автор. Неговата самосвест и определба. Потребата со полни гради и на свој начин да ја живее сегашноста.
„Најчесто ме инспирира секојдневието и тоа што ми се случува во моментот, или во тој период, и рокенролот е моето секојдневие. Тие песни некако се поклопија со мојата идеја. И ете тоа е тоа“, вели Давор.
Роден на 11 февруари 1997 година во Скопје, Давор Кешќец за себе знае да каже дека отсекогаш цртал. Дека тоа му бил единствениот начин на изразување.
„Од секогаш сум цртал. Никогаш не сум престанал со цртањето. Тоа ми бил единствениот начин на изразување на она што сум го мислел, што сум сакал да го кажам. Таму сум се пронашол најмногу. Тоа ми бил медиумот преку кој најдобро сум комуницирал со светот околу себе“, вели тој.
Тој дополнува дека затоа нималку не се двоумел каде по основното училиште ќе го продолжи своето натамошно образование. Се запишал во Средното уметничко училиште, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности.
„Уште кога бев во Основно прво почнав да се занимавал со графити. Потоа продолжив со „стенсери“, но нив полека почнав да ги тргам на страна и да влегувам во ова што е моја денешна преокупација. На почеток дури правев шаблони („стенсери“) инспирација ми беше Бенкс (британски уличен уметник н.з), а сега ми се кубизмот и поп-артот, уметници како Пабло Пикасо, Рој Лихтенштајн, Жорж Брак... Нив би ги издвоил најмногу. Се пронаоѓам во некои нивни ситуации и за тоа ме инспирираат. За тоа ми се посебно привлечни“, вели Кешќец.
Препознавајќи го неговиот современ творечки ракопис како особено интересен, од МКЦ воопшто не се двоумеле околу својот влог во претставувањето на овој млад и талентиран автор. Дури уредникот на ликовната дејност Горјан Ѓорѓиев за таа цел ќе напише:
„Давор Кешќец е млад упорен ентузијаст на кој никакви неприлики не можат да му го избијат од глава она што го наумил. Од друга страна тој е перфекционист во ликовноста на своите дела со млад дух, кој остава без здив. Неговата мисија е ретрото и рокенролот како животно мото, кој од самиот негов старт е негов форсиран лајт мотив. Тоа е израз што нè враќа кон убавите рокенрол времиња на 50-тите години од минатиот век. Минималистичкиот приод кон колоритот е со строга намера да се искаже тројството на црното, белото и црвеното како моторика на секој крајно емотивен ликовен акт. Неговиот живот и ликовен старт се во сублимат на една компактна тродимензионална слика, која ги содржи: љубовта, страста и минливоста“, пишува тој.
Конечно, ова оди во корелација со она што и Кешќец, по малку поетично, го дообјаснува:
Црно. Бело. Црвено
Линии. Точки. Хаос
Око-риба, задлабочен поглед со кој плива во океанот на љубовта
Уста-срце, кое првпат ги вкусува плодовите на љубовта.
Црно, мрачно, мистерија, елегантност, грев.
Црвено, страст и љубов, две различни нешта претставени со една боја, која е симбол на крв.
Бело, чисто, солзи, невиност.
Со еден збор „SHE“.
Кон ова уште и информацијата дека Давор, во чија пројава и не само визуелно може да се види гордоста на неговиот татко Дарко Кешќец Кежо, инаку пејач на денес непрежалениот македонски рокенрол бенд Д ДАЛТОНС, и ставот на еден Џо Страмер, гласноговорникот на британските панк херои КЛЕШ, е подготвен и за својот иден ликовен исчекор.
„Имам веќе и готови скици кои ја следат ова моја сегашна линија. Мислам дека сум се пронашол со стилот на сликање, на творење. Планирам во иднина да им се вратам и на графитите и на стенсерите и од сето тоа, да излезе нешто ново. Нешто поразлично, но сепак кажано со мојот ликовен јазик“, вели тој.