Во пресрет на отворањето на големата изложбата „Борко Лазески 1917-1993“ на која ќе се најдат повеќе од шеесеттина дела од речиси сите творечки фази на уметникот, благо посегање по неговата плодна животна и творечка биографија.
Роден во 1917 година, Борко Лазески основно училиште и гимназија завршил во родниот Прилеп. Неговиот талент за цртање и сликање уште во текот на гимназиските денови го открил сликарот Велебит Рендиќ, под чии инструкции Лазески, сликал и вајал подготвувајќи се за Уметничката школа во Белград, на која се запишал во 1933 година.
По завршувањето на оваа школа продолжил на Ликовната академија во класата на професор Мило Милуновиќ, а во воениот вриеж во 1941, ги прекинал студиите во Белград и заминал во Софија, на Државната ликовна академија кај професор Никола Ганушев, каде и дипломирал во 1943 година.
По враќањето во Прилеп, во 1944 година, активно се вклучил во НОВ, за да веднаш по ослободувањето на земјата се залага за формирањето на ДЛУМ и Уметничката школа во Скопје. Тој е воедно и еден од првите професори на новоформираната Уметничка школа.
Како стипендист на француската влада во 1946 година уметникот заминал во Париз, каде до крајот на својот престој во 1948 година, специјализирал сликарство и мозаик на L’ecole Nationale Superieure des Beaux-Arts, витраж кај Момежан и современо сликарство кај Андре Лот.
Тој е еден од оснивачите и в.д. директор на Уметничката галерија во 1948 година.
Лазески во 1951 година почнува да работи на своето најпознато монументално дело „Фреската за НОБ“ за Старата железничка станица во Скопје со 222 м2 површина, завршена во 1956 година и уништена во земјотресот од 1963 година.
Две години подоцна заедно со Димче Протуѓер ја основале групата ДЕНЕС, а во 1957 година станал професор на Педагошката академија во Скопје.
Во декември 1959 година уметникот заминал во Багдад каде работел како професор на тамошната Академија за ликовни уметности, а по враќањето од Ирак, од 1967 до 1972 година, бил слободен уметник.
Во тој период бил професор на Академијата и претседател на ДЛУМ, нов во почетокот на 1980-тите години заминал во Мексико Сити каде останал неколку години, работејќи на неколку мурали.
Лазески реализирал повеќе студиски престои во: Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Турција, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и Индија, исто и во СССР, Узбекистан, Ерменија и Грузија, а добитник е на бројни награди и признанија за своето творештво, меѓу кои и Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело во 1987 година.
Говорејќи, пак, за јубилејната изложба „Борко Лазески 1917-1993“ кураторката Маја Чанкуловска Михајловска истакнува дека таа доминантно ги содржи делата кои се наоѓаат во државните институции како Националната галерија на Македонија, Собрание на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Министерство за одбрана (Касарна „Алекса Демниевски - Бауман“, Велес), Македонска академија на науките и уметностите, Музеј на град Скопје, Музејот на современата уметност — Скопје, Музеј на Македонија, Историски музеј Крушево, Хотел „Монтана“ Крушево, Завод и Музеј Прилеп, Центар за култура „Марко Цепенков“, Центар за современа ликовна уметност - Прилеп; Завод и Музеј Охрид, Музеј Куманово, Музеј на Западна Македонија во НОВ — Кичево, Стопанска банка а.д. Скопје, Вардар филм, Македонски пошти Битола, ОСТЕН Музеј на цртеж, Кинотека на Македонија, Македонска телевизија и значаен број приватни сопственици.
Вели дека во најголем број на случаи станува збор за дела кои се однесуваат на неговите постари творечки фази како неговите први дрворези на пример – минијатурите во кои може да се препознае оној момент на социјално-ангажирана тематика која подоцна ќе провејува во целиот творечки опус на Лазески. Тука се, како што потсетува, и цртежите од циклусот „Митрашинци“ коишто се однесуваат на НОВ и неговото учество како партизан во ослободувањето на Македонија, потем делата од париската, багдатската фаза, потем „картоните“ односно скиците за „Фреската за НОБ“ во Старата железничка станица во Скопје и така со ред.
Таа дополнува дека Борко Лазески иако бил нашиот прв и најзначаен монументалист којшто изработил голем број на фрески, мурали и витражи во јавни споменици, сепак неговите дела имаат многу трагична судбина. „Фреската за НОБ“ во Старата железничка станица е уништена во Земјотресот. Тогаш настрадал и еден мурал во Домот на Армијата, а во 2013 година изгореа и петте ротонди во Централната пошта во Скопје. Нешто слично им се случи и на делата изработени во далечно Мексико при тамошниот разурнувачки земјотрес.
„Трагична судбина ги следи неговите дела и тоа би требало да биде опомена за нас многу повеќе да се посветиме на она што ни е оставено како легат од овие наши уметници коишто одиграле огромна улога во формирањето на македонската модерна и современа уметност. Тоа и не е само Лазески. Ние како држава имаме доста значајни имиња на коишто навистина треба да им обрнеме многу повеќе внимание“, истакнува Чанкуловска Михајловска.
Згора на ова кураторката смета дека она што е карактеристично за Борко Лазески освен неговата ангажирана тематика, односно фактот што кај него доминираат дела од НОВ и Револуцијата, е тоа што тој силно се залагал и за демократизација на уметноста. Сметал дека уметноста треба да биде достапна до сите. Но, наспроти ова, како што забележува таа, кај нас во денешно време работите се одвиваат во една сосема поинаква насока.
„Ако гледаме колку биле напредни и современи во 1950-те години и колку нашите уметници се изразувале со свој личен ракопис којшто паралелно бил во дослух со сите светски текови и кога знаеме какви ретроградни пројави ни се случуваа во изминатиот период, треба сериозно да се замислиме во кој правец одиме ние овде и сега. И не само во уметноста и во културата“, потенцира Михајловска Чанкуловска.