По оние поставени на кејот на реката Вардар и пред Министерството за култура, Сашо Саздовски со трета скулптура во јавен простор во главниот град. Овојпат неговото дело „Мост“ ќе го краси влезот на скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ и поставено е веднаш до монументалната бронзена фигура на патронот Корчагин.
Говорејќи за следот на настаните, Саздовски вели дека во училиштето кадешто работи како професор по ликовна култура имало еден постамент и во разговори со директорот на Гимназијата се наметнала идејата тој да направи скулптура . Дополнува дека како творец, како скулптор, никогаш не ги пропушта шансите за да ја сподели својата уметност. Тој, како што истакнува, дури и патува по светот за да остави дел од себе. Од својата идеја за творештво секаде онаму каде што ќе биде поканет. Согласно на тоа воопшто не се двоумел околу таквиот зафат, туку својски му се нафрлил на мермерот со огромната енергија што самиот ја поседува.
„Мојата последна тема се вика „Споеви“. Мост“ претставува премин преку кој поминуваат новите генерации одејќи го патот кон зрелоста и осамостојувањето. И самата скулптура претставува мост помеѓу нас како професори и учениците коишто поминуваат низ нас. Тоа е некој мост. Ние како подршка и учениците како уште една форма којашто поминува низ процесот на едукација и самоспознавање. Тоа е нашиот сооднос – професори и ученици. Скулптурата впрочем им е посветена на сите просветни работници воопшто“, вели Саздовски.
Скулпторот истакнува дека на овој начин, како просветен работник, сакал да остави нешто од себе во училиштето кое секогаш имало разбирање за него и неговата уметност и каде има одлична соработка со колегите.
„Јас преку овој гест сакав само тоа да го поттикнам и таквата комуникација меѓу професорите и учениците, но и мешу колегите да ја сочувам за да не згасне“, дополнува скулпторот.
Инаку, Саздовски по светот има дваесеттина свои скултури од кои поголемиот дел во јавен простор. Неговите творби можат да се видат во Абу Даби во ОАЕ( една во јавен простор и неколку во еден приватен музеј на современа уметност), во Доха - Катар, султанатот Оман, Германија, Португалија, Чешка, Црна Гора, Србија...
„Голема е задоволството кога можеш преку свое дело да ја претставиш својата земја. Во случајов јас – Македонија. Ова посебно бидејќи ние сеуште сме во борба за потврдување на нашиот идентитет. Мислам дека културата е оној мост што треба да не поврзува и дека преку неа најдобро можете да ја претставите својата посебност и дострели“, смета уметникот.
Инаку, Сашо Саздовски се смета за еден од најреномираните македонски скулптори од поновата генерација. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Главно работи со мермер, а во последниве години, тој и неговата сопруга уметницата Пандора Апостоловска – Саздовска особено се активни во Европа и во земјите од Блискиот Исток.
Тие веќе неколку месеци засилено ја подготвуваат својата нова изложба што планирано да се одржи некаде на крајот на мај или почетокот на јуни годинава во Музеј на Град Скопје. Потем, како и во годиниве наназад, уметниците со своето ново творештво ќе патуваат во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати.