Гордана Хаџи-Николова Малашев, Сергеј Дамовски, Горан Ѓорев, Никола Смилков, Ангел Коруновски, Кирил Мукаетов, Јадранка Урдаревски, Бранко Величковски, Андреј Митевски, Марјан Стојаноски, Емил Солески, Стојче и Емилија Тоциновски, Виктор Лазароски, Сашко Јанев, Атанас Атанасоски, Мирослав Величковски - Мире, Мартина Трпческа, Марина Цветановска-Мартиновска, Влатко Зафирковски, Александар Јанев и Јордан Јанев – Дане се македонските творци чии дела ќе се најдат на традиционална биенална изложба „Скулптури на новото време“, што од 28 јули до 10 август, ќе се одржи во Куманово.
Постановката има за цел продолжување на започнатата мисија на претставување на автори и дела коишто опстојуваат на домашната ликовна сцена. Но наспроти ваквата заложба, како што велат организаторите - НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“, „настојувањата за некој поамбициозен аналитички конципиран пристап во смисла на селективност на делата коишто беа понудени беше во втор план со оглед на многу скромната квантитативно-квалитативна понуда“.
„Работејќи го овој проект, дојдовме до сознание дека и оваа година, покрај сите наши напори вложени во медиумскиот простор, интернет порталите и социјалните мрежи за вклучување на голем број нови скулптори во проектот, не наидовме на поголемо разбирање и интерес кај македонските академски скулптори. Причините за тоа лежат во многу малата продукција, проблем којшто го нотираме со години. Потоа тука е присутен и проблемот на малата или скоро никаква поддршка на авторска скулптура наспроти нарачаната монументална скулптура од страна на државата којашто, пак, беше добро финансирана во изминатите десетина години и целото внимание на авторите го сврте на таа страна. Предизвикот да се инвестира и отвори поле за нови истражувачки проекти во областа на современата скулптура е многу мал и поради лимитираните капацитети на изложбените простори и опасноста истите да не бидат во можност соодветно да се презентираат, а со тоа и неадекватно да се претстават на самата публика“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста и еден од организаторите на случувањето.
Тој дополнува дека имајќи ги овие аспекти во вид и прифаќајќи ја постоечката ситуација како охрабрување, сепак „можеме да констатираме дека постојат автори коишто се занимаваат со скулптура во континуитет без оглед на условите и дека истите се во постојан творечки прогрес за што говорат и нивните дела“. Од таму смета дека формираните скулпторски ракописи се во фаза на постојана трансформација освојувајќи нови хоризонти и тој развој е евидентен во компарација со претходниот период.
„Сепак насочени кон развивањето на своите идеи, скулпторите се обидуваат да внесат нови моменти во своето тродимензионално креирање притоа не напуштајќи го основниот концепт, па оттука и континуитетот со претходниот материјал е повеќе од евидентен“, вели Цветковски.
Според него, во најголемиот дел од материјалот којшто е понуден е применет класичниот скулпторски пристап на изработка на скулптура со мануелна интервенција во некој материјал (дрво, метал и сл.) со авторско видување во насока на асоцијативна фигурација или апстрактно-геометризирана форма. Како што истакнува, дел од авторите настапуваат со концептуален приод користејќи готови предмети како објекти поставени во определен контекст, со намера да предизвикаат некаква реакција кај консументот - емотивна или интерактивна.
Во пресрет на десетото јубилејно издание на традиционалната биенална изложба „Скулптура на новото време“, Цветковски не губи надеж дека, благодарение на ваквите засебни творечки усилби и сличните генерални заложби, за македонската скулптура доаѓаат некои подобри времиња.
„Се надеваме дека во периодот што претстои оваа состојба ќе се редефинира и дека министерството за култура ќе има сенс за поддршка на автори кои работат во рамките на современата скулптура, односно ќе поддржат проекти кои се многу блиски до она што се твори на европската уметничка сцена“, потенцира тој.