Достапни линкови

Најмлад советнички состав во Куманово


Архивска фотографија: Седница на Советот на Општина Куманово
Архивска фотографија: Седница на Советот на Општина Куманово

Новите советници во кумановскиот општински Совет можеби сметаат дека нешто ќе сменат во работата, но за тоа ќе им треба време. Дотогаш веројатно ќе го притискаат копчето со „да“ и „не“, независно од нивното мислење, а зависно од нивната партија.

Кумановскиот општински Совет составен од 33 членови од повеќе партии и коалиции, според возраста на советниците се вбројува во релативно млад советнички состав. Има и повозрасни и поискусни советници кои се чини преку своите дискусии ќе бидат пример за тоа како се расправа, предлага и одлучува или бојкотира по одредени прашања битни за локалната самоуправа. Впечатливо е тоа што и на петтата по ред седница советниците го „бркаат“ деловникот, забележуваат за технички грешки во записниците изготвени од администрацијата, за потоа да донесуваат и одлуки.

Расправата помеѓу советниците од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и онаа од СДСМ, која е на власт, се очекува да се стабилизира и да започне со работа, како што најчесто, а не само декларативно ги решава проблемите на граѓаните.

На пример, Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се почитува деловникот за работа и секои три месеци да се одржува седница со дневен ред – советнички прашања.

„Мојата интервенција би била да го запазиме деловникот и секои три месеци да се организира седница на која ќе можеме да поставуваме прашања до градоначалникот и општинската администрација“, вели тој.

Зоран Петрушевски од ГРОМ забележува дека минатата година ова време не била донесена програма за управување со отпад, за амбиентален воздух и локален еколошки план. Тој потсети дека новиот градоначалник изјавувал дека има план.

„Сега овде се вели дека Општината немала програма за амбиентален воздух и зошто градоначалникот влегува во таков филм, таква приказна. Па тој толку реално кажува колку сме должни. Ние овде се труеме, па ова играчка ли е. Ние овде се труеме“, вели Петрушевски.

Претседателката на Советот Атина Мургашанска ги информира советниците дека планови и програми се донесени на седниците кога опозиционата коалиција ги напуштала.

„Ние во овој состав донесовме конкретна сеопфатна програма за заштита на животната средина и во областа на управувањето со отпадот, загадувањето, затоплувањето, донесовме и одлука за субвенционирање за првите приклучоци на граѓаните во гасоводната мрежа“, вели таа.

По дуелот помеѓу Петрушевски и Мургашанска, кога Петрушевски го искористи своето деловничко право за реплики, извештајот за работа на Советот за 2017 и програмата за негова работа за 2018 беа усвоени со мнозинство гласови.

Советникот Благојче Јакимовиќ од НСДП смета дека вакви дискусии не се коректни. Според него, треба да се изнесе она на што сепак се работи во Општината.

„Овој состав на Советот по возраста на советниците е релативно најмлад во историјата на Општината (од 1996 година), за првпат воведуваме нова програма за работа. Ќе одржуваме јавни трибини со претставниците на локалната самоуправа со жителите, со заинтересираните страни кои ќе сакаат да учествуваат на трибини, за разлика од претходниот состав на Совет донесовме некои програми за поефикасно и пофункционално одржување на животната средина, со мерките од типот на гасификација, даваме субвенционирање на граѓани со десет илјади денари за секој приклучок, мерната станица што е во Општата болница Куманово, а планираме и болницата да ја приклучиме на гасификација, при што загаденоста на градот ќе биде на најниско ниво. Како Совет предвидовме и заштита на потрошувачи како тело кое ќе се грижи за граѓаните“, вели тој.

Младите или новите советници во кумановскиот општински Совет можеби сметаат дека нешто ќе сменат во работата, но за тоа ќе им треба време додека испливаат на површина. Дотогаш веројатно ќе бидат принудени да ги слушаат повозрасните и поискусните и да го притискаат копчето со „да“ и „не“, независно од нивното мислење, а зависно од нивната партија.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG