Куманово уште во првиот изборен круг на локалните избори за градоначалник го изгласа Максим Димитриевски, кој како пратеник во Собранието, а претходно и како претседател на општинскиот Совет добро ги познава проблемите со кои долг период се соочува најголемата локална заедница во државава.
„Почнувајќи од технички, кадровски и на крај финансиски. Кога ќе кажам Општина Куманово, сметам на Општината, на целокупната администрација и на сите јавни претпријатија кои се во функција на граѓаните, а се сопственост на Oпштината. Проблемите се секојдневни во сите ресори, а ние сме должни да работиме и да ги надминуваме“, вели Димитриевски за РСЕ.
Тој додава дека финансиските блокади се секојдневни и исцрпувачки, што континуирано ги зголемува обврските.
„Бидејќи ако во еден систем имате расход што во континуитет се реализира, а приходот не го заситува расходот, тогаш имате сериозен финансиски проблем. Во моментот таква е состојбата и во Општината и во јавните претпријатија. Тоа е резултат на долгогодишни лоши политики и долгогодишен лош пристап во делот на разрешување на правните проблеми генерирани со децении“, вели тој.
На почетокот на мандатот според Димитриевски, во тек е реализација на започнатите проекти кои ќе завршат до крајот на оваа и почетокот на идната година, а потоа ќе започне нова развојна програма. Во тек се реконструкции на две големи улици во населбата „Карпош“ и во „Дива Населба“, изградба на 20-ина улици, а на повеќе од 30 улици изградба на нови канализациони системи.
„Во 2018-та година согласно финансиските можности, би сакал да влезам во справување со сообраќајниот метеж во градот, планирање и проектирање на пет катни гаражи, по принципот на монтажни гаражи, да се обидеме да ги тргнеме возилата од јавните прометни површини. Во Куманово ова е еден од главните проблеми“, вели новиот градоначалник.
Катните гаражи беа планирани и споменувани и од неговите претходници.
„Немам намера да ги споменувам, имам намера да ги градам. Бирократските процедури и имотно-правните односи во државата и во општината се генералниот проблем за реализација на проектите. Не е проблем да се обезбедеи земјиште, проблем е да се прибере сета потребна документација, да се изготви техничка и проектна документација, кадровската доекипираност во Општината е неминовна, со што ќе се позанимавам идната година. Граѓаните не ги интересира тоа, туку надминување на проблемите“, вели тој.
За проблемите со уличното осветлување Димитриевски вели дека често има саботажи од несовесни граѓани кои ги оштетуваат прекинувачите, за што е пријавено во МВР, а и инсталацијата е стара и не ретки се хаварии.
„Во идниот период планирам да вложиме поголеми средства во делот за учино осветлување и ќе бараме потенцијален партнер за јавно-приватно партнесрство за реализација на проекти за енергетска ефикасност, монатажа на штедливи светилки и слично“, додава Димитриевски.
Тој вели дека на сите крстосници каде што постојат технички можности ќе се направат кружни токови, за поголема безбедност во сообраќајот.