Достапни линкови

Куманово да не се заобиколува


Архивска фотографија: Куманово
Архивска фотографија: Куманово

Да исполни половина од ветувањата дадени во кампања, кумановци ќе бидат задоволни од новиот градоначалник. Очекуваат повеќе проекти во градот оти по долго време локалната и централната власт се од иста партија.

Максим Димитриевски од СДСМ е новиот и четврти градоначалник на Куманово, од шестте локални изборни процеси во државава. Кумановци главно го познаваат како долгогодишен активист на СДСМ, претседател на општинскиот Совет и како пратеник во актуелниот собраниски состав. Имаа можност уште повеќе да го запознаат во текот на изборната кампања. Според многумина првиот човек на градот е млад и перспективен, па затоа и очекуваат барем половина од ветеното во кампања да го преточи во реалност. Има скептици кои сметаат дека е само персонална промена, а сè ќе си остане како и до сега.

„Од новиот градоначалник не очекувам ништо особено, дека кој знае што ќе се подобри во Куманово, зашто гледаме дека и градежните работи кои се изведуваа во предизборната кампања, сега главно се запрени, така што не очекувам да се смени нешто и во наредните четири години. Според мене, не мора да значи ако сега централната власт е од иста партија како и на локално ниво, дека ќе има некој поголема поддршка, но и ако има да видиме дали локалната самоуправа ќе умее да ги искористи тие средства што ќе бидат доделени, а треба да има и добри проекти. Ова од таму што без оглед која партија да е во централната власт Општината Куманово како да е заобиколена.“

„Не го познавам лично, ама сите се исти.“

„Не знам. Никој ништо не направил, па и овој нема да направи.“

„Јас од новиот градоначаник очекувам да оди во Јагодина (Србија), да види каков градоначалник е Драган Палма, па тогаш да дојде и да седне во оваа фотелја. На никој од овие не му е местото тука, не заслужиле ништо.“

„Да направи нешто поубаво. Да се постават клупи, чешми, детски игралишта, улично осветлување нема, чистота“, велат запрашаните кумановци.

За разлика од неговиот претходник Зоран Дамјановски, кој трите мандати ги помина во опозициона општина на централната власт, на Димитриевски, сметаат граѓаните, олеснителна околност му е што ќе ја има поддршката и од централната власт, а и од премиерот. Тоа треба да го исползува, велат кумановци.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG