Достапни линкови

Зошто пратеници сакаат да станат градоначалници?


Илустрација-гласачко место во Скопје, 2016 година
Илустрација-гласачко место во Скопје, 2016 година

Рокот за пријавување на кандидати за градоначалници истекува на 14 септември на полноќ, а засега десетина пратеници и еден министер се знае дека влегуваат во трката. Аналитичарите сметаат дека има повеќе причини зошто се решаваат Собранието да го заменат со градските управи.

Лоша партиска кадровска политика, остра трка по глас повеќе на следните локални избори, но и примамливоста на градоначалничката позиција која нуди поголема стабилност и можност за себепромовирање, според некои аналитичари, се причините зошто партиите одлучија да кандидираат повеќе пратеници за градоначалници.

Засега околу десетина пратеници се кандидати за локалните избори, а најголемо внимание во јавноста предизвика одлуката и министер да се кандидира за градоначалник. Првиот човек на министерството за здравство Арбен Таравари, кандидирањето за градоначалник на Гостивар го образложи и со тоа дека најдобро котирал на анкетите од неговата партија, Алијансата за Албанците.

Овие избори се многу важни за партиите и ќе се брои секој глас повеќе или помалку за да се прикаже поддршка или негодување со актуелната влада, а и кај партиите на Албанците важен е секој глас за да се покаже кој ја има најголемата поддршка од електоратот, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири.

Во таква ситуација партиите се одлучуваат да истрчаат со луѓето кои ќе им освојат најмногу гласови, вели Незири, додавајќи дека тие во меѓувреме поради лоша кадровска политика се затвориле за нови лица.

„Таа затвореност во кругови на пет до десет лица ја создава оваа кадровска криза во која едни исти личности ги кандидираат и за локални и за парламентарни избори“ вели Незири.

Политикологот од Факултетот за општествени науки Митко Гаџовски смета дека една од причините е и поголемата стабилност на градоначалничката функција. Таа загарантирано трае четири години, за разлика од пратениците, кои во услови на вакво нестабилно мнозинство може повторно да отидат на избори и да не освојат место во парламентот, додава тој. Сепак тој нагласува и дека градоначалничката позиција е примамлива затоа што градоначалниците располагаат со сопствен буџет, понезависни се и заради тоа од таа функција нивната личност и индивидуалност може повеќе да се истакне.

„Од аспект на личното промовирање многу е полесно да придонесете и да се промовирате од градоначалничката функција отколку преку пратеничката“ вели Гаџовски.

Од имињата кои досега се објавени, од СДСМ пратениците Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бетијан Китев, Максим Димитриевски, Коста Јаневски и Сашо Поцков ќе се обидат да ги освојат раководните места во Скопје, Карпош, Кавадарци, Куманово, Струмица и Гевгелија. Од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска, Горан Манојловски и Зоран Ѓоргиовски пратеничките позиции сакаат да ги заменат со градоначалнички во Гостивар, Тетово и Куманово. И Биљаљ Касами и Зекирија Ибрахими од Беса ќе се натпреваруваат на локалните избори во Тетово и Чаир, а и ДПА реши да истрча во Тетово со пратеникот Бардуљ Даути. Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села кој градоначалничката позиција во Струга ја замени со пратеничка, сега повторно ќе се обиде да стане прв човек на општината.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG