Достапни линкови

Независните кандидати со мали шанси на локалните избори


Архива - Гласање на локалните избори во 2013 година.
Архива - Гласање на локалните избори во 2013 година.

Минимални шанси за победа на локалните избори ќе имаат независните кандидати за градоначалници против партиските, велат експерти. Рокот за собирање потписи на независните кандидати истече вчера.

Политичките партии во Македонија традиционално имаат воспоставено добра организациска и лоби структура која им носи одреден број на гласови и затоа за претстојните локални избори независните кандидати за градоначалници ќе имаат мали шанси против партиските, вели политикологот Митко Гаџовски од факултетот за општествени науки. Поголеми шанси имаат независните кандидати за советници, истакнува тој.

Рокот за собирање потписи на независните кандидати истече на 4 септември. Со оглед на досегашното искуство во земјава, Гаџовски е со став дека на овие локални избори не може да се очекува поинаква слика во однос на минатите и дека партиските кандидати ќе станат градоначалници во општините.

Личност или партија?

„Бројот на оние кои што би се кандидирале како независни и би освоиле некоја општина би го свел на минимум, односно мислам дека ќе стане збор само за еден независен кандидат да може да стане градоначалник или максимум двајца. Секако дека станува збор за локални избори каде што генерално ќе се одлучува за личноста, за понудата којашто тој би дал, меѓутоа иамјќи ја во предвид традицијата во Македонија, сметам дека нема да има некои поголеми промени за разлика од претходните локални избори“, вели Гаџовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу ја потенцира различната ситуација кај кандидатите за градоначалници и советници во однос на шансите против партиските кандидати. Тој потстува на искуствата во минатото во земјава, кога независни кандидати освојувале и победи.

Можни ли се изненадувања?

„Да не заборавиме, ние сме имале независен кандидат за градоначалник на Скопје кој успешно ја реализирал кампањата. Од друга страна, има еден тренд и кај нашите соседи каде независните кандидати се зајакнуваат, а шансите им се подобруваат. Тоа е рефлексија на незадоволството на граѓаните во однос на целиот политички „сетап“ и недовербата кон политичките партии. Во секој случај локалните избори даваат најголема можност тоа да се ефектуира, така што јас не би ги исклучил потполно независните кандидати од целата приказна, но во секој случај во бројки политичките партии се тие кои ќе ги однесат победите“, вели Муслиу.

Изборниот модел ги фаворизира партиите

Тој истакнува дека изборниот модел во Македонија е таков што независните кандидати на парлементарните избори немаат никакви шанси против партиските, додека кандидатите за градоначалници и советници имаат поголем пристап.

Гаџовски коментира дека според изборниот модел во земјава, помалите политички партии и независни листи за пратеници имаат многу мали шанси да влезат во Собранието на Парламентарните избори, но и тој ја потенцира големата разлика меѓу парламентарните и локалните избори.

„Тука имаме и листи на советници и тука на независните кандидати за советници би им дал поголеми шанси во советите на општините, отколку во трката за избор на градоначалник“, вели тој.

Локалните избори во Македонија ќе се одржат на 15 октомври. Политичките партии до 9 септември имаат рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG