Достапни линкови

Граѓаните избираат локални власти


Архивска фотографија - гласање во Скопје.
Архивска фотографија - гласање во Скопје.

Над милион и осумстотини илјади граѓани од 7 наутро па до 19 часот треба да го остварат своето право на глас и да ги изберат новите градоначалници и советници. Ова се шести локални избори во Македонија.

Граѓаните со право на глас денеска избираат градоначалници и советници во општините. Може да се гласа од 7 до 19 часот на 3.480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаат 1.814.644 избирачи. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври.

На шестите локални избори во Македонија, граѓаните можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за советници.

МВР апелира да се почитуваат изборните правила

Одделенијата на МВР за управни работи викендов издаваат лични карти, за они граѓани кои немаат биометриска патна исправа. Граѓаните вчера може ада поднесат барања, а денеска личните карти ќе се издаваат до 19 часот.

Министерството за внатрешни работи апелира до политичките партии и нивните симпатизери да ги почитуваат изборните правила, да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир, бидејќи секакво однесување спротивно на законите МВР нема да го толерира.

„МВР ќе преземе сè што е потребно на денот на гласањето,граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата политичка волја“, соопштија од МВР.

Над 5000 набљудувачи ќе го следат процесот

За следење на изборите во Државната изборна комисија досега се акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Во ДИК за следење на изборите досега се акредитирани шест новинари.

Според податoците објавени на веб страницата на ДИК, од домашните најголем број акредитирани набљудувачи има невладината организација МОСТ - 2.843 потоа Здружението на граѓани Синергија“ - Штип 1.829 набљудувачи, Цивил - Центар за слобода 191, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид - Скопје 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје - ЦРИС Скопје 17 и Македонскиот центар за култура и развој шест набљудувачи.

Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 198, потоа Амбасадата на САД во Македонија 33, Делегацијата на ЕУ 23, Меѓународниот студиски центар за избори (IESC) 18...

Набљудувачи имаат акредитирано и Канцеларијата на НАТО во Скопје и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија и Словачка во Македонија.

Во ДИК се акредитирани и 294 преведувачи.

Граѓаните може да пријават повреда на избирачкото право

Ако на гласачот му е нарушено избирачкото право, тоа може да го пријават до Државната изборна комисија и до набљудувачите на изборите.

За време на гласањето, до 7 до 19 часот ќе бидат отворени и канцелариите на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.

Освен лично во канцелариите, граѓаните изборните нерегуларности ќе може да ги пријават и на телефонските броеви во канцелариите на Народниот правобранител.

Повреда на избирачкото право може да се пријави и до Хелсиншкиот комитет за човекови права. Денеска канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден за пријави, а граѓаните кои не можат да дојдат лично, тоа може да го сторат преку телефон или преку електронска пошта.

До 19 часот трае и изборниот молк. Дотогаш може да се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно месиумско преставување.

Вчера гласаа затвореници, притвореници, болни и немоќни и раселни лица.

Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, следните во 1996, потоа за градоначалници се гласаше во 2000, во 2005, во 2009, а последните локални избори се одржаа во 2013 година.

Упатство за гласање на локалните избори

Избирачот може само еднаш да гласа. Секој гласач добива две гласачки ливчиња, едно за градоначалник и едно за советници, освен гласачите во Скопје, кои освен за локална власт во својата општина, гласаат и за Град Скопје.

Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкио материјали и на избирачите додека гласаат.

Гласање за друго лице е забрането, освен ако избирачот има физички недостаток или е неписмен.

Според Изборниот законик, гласачките места започнуваат со работа во 7 часот наутро и гласањето трае непрекинато до 19 часот. Доколку се доцнело со почеток на гласањето, гласањето продолжува за онолку време колку што задоцнило. Гласачките места затвараат во 19 часот, но на оние гласачи кои се затекнале на местото на гласањето ќе им биде овозможено да си го остварат своето право на глас.

Избирачкиот одбор може да го затвори гласачкото место и пред истекот на рокот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија, ако гласале сите избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список, но не започнува со броење на гласовите пред 19,00 часот. Ако гласањето е прекинато подолго од 1 час, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од 3 часа.

Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.

Доколку не се остварат тие услови, двајцата кандидати кои освоиле најголем број на гласови одат на втор изборен круг после 2 недели и тогаш победник е оној кој има релативно мнозинство. Кај советничките листи, пак, нема изборен праг, туку се утврдуваат по пропорционалниот модел, Донтова варијанта, каде согласно изборните резултати се добиваат советници.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG