Инфраструктурата во општините е најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните на локално ниво. Според анкетата на американскиот републикански институт ИРИ, вкупно 27 отсто го споменале овој проблем како најголем за нивната општина. На второ место, според резултатите од анкетата, е невработеноста и локалната економија со 26 отсто, а на трето снабдувањето со вода и пречистителните станици со 22 отсто.
Иако има помалку од една недела до почетокот на кампањата за локалните избори, која стартува в понеделник, кандидатите за градоначалници засега не откриваат многу адути, а преписките меѓу партиите повеќе се концентрирани на централни отколку на локални прашања.
На прашањето дали ги земаат предвид ваквите мислења на граѓаните при подготвувањето на програмата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски тврди дека тие се веќе препознаени по работењето и реализацијата на сите проекти кои што ќе ги ветат, а кои, како што вели, значат подобрување на стандардите во сите области.
„ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш ги слуша и цени ставовите и потребите на граѓаните и ќе им понуди излез од амбисот кон кој расипничката влада на СДСM ја турка државата“, вели Котевски.
Од СДСМ пак, велат дека нема да ја откриваат кампањата, но дека тие „ги слушаaт граѓаните, нивните потреби со што се соочуваат и врз основа на тие потреби изработувале програми во сите општини кои што значеле мерки, проекти и решенија за проблемите на граѓаните“.
Од Беса нагласуваат дека се при крај со подготовките на нивната програма во која ќе опфателе неколку точки кои се важни за целата територија на државава, а ќе имале и конкретни понуди за општините во кои имаат кандидати. Фатон Фазлиу од таа партија додава дека нивниот фокус ќе биде врз економијата.
„Во нашата програма приоритет е отворањето нови работни места. Ги земаме предвид сите приоритети на граѓаните, а сметаме дека е жално што во 21 век луѓето се уште немаат инфраструктура, канализација и вода во своите средини“, вели Фазлиу.
„Уште од кога се утврди датумот за локалните избори почнавме со подготовка на програмата“, вели портпаролот на изборниот штаб на ДУИ Арбр Адеми. Тој објаснува дека нивниот пристап бил кандидатите за градоначалници и советници сами да ја подготват програмата со која ќе излезат на изборите.
„Сите кандидати во изборната кампања ќе настап во своите општини со својата програма во која се адресираат проблемите и потребите кои се карактеристични за одредената општина“, вели Адеми.
Анкетата на американскиот институт открива и дека дури 69 отсто од испитаниците сметаат дека има потреба од промена на локалните власти што навидум може да се смета за лош сигнал за ВМРО-ДПМНЕ кои имаат најмногу градоначалници. Но, на прашањето „ако локалните избори се одржат денеска за чиј партиски кандидат би гласале да биде градоначалник на вашата општина разлика“ е мала, па 19 отсто рекле за СДСМ, 18 за ВМРО-ДПМНЕ, седум за ДУИ, пет за Алијансата за Албанците и четири за Беса. Од петте општини за кои ИРИ направиле анкети во Скопје води ВМРО-ДПМНЕ со 23 отсто, a по него е СДСМ со 16, па следуваат ДУИ со 9, Беса со шест и Алијансата за Албанците со три отсто.
Во Куманово во предност е СДСМ со 32 отсто наспроти ВМРО-ДПМНЕ со 15, во Охрид ВМРО-ДПМНЕ би го гласале 20 отсто, а СДСМ 17, во Гостивар Алијансата за Албанците би добила 21 отсто, а ДУИ 11 отсто, во Тетово ДУИ би добиле 19, а втори се СДСМ со 15 отсто, а во скопската Ѓорче Петров СДСМ би добил 30 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ 26 отсто.