Шеснаесет лица во прифатниот камп во Гевгелија и дваесет во кампот во Табановце. Осуммина од нив имаат намера да се вратат во Грција. Во Скопје, пак, има седум баратели на азил. Ова е моменталниот биланс на бегалци во земјава. Бројките се незначителни, односно драстично намалени во споредба со истиот период од пред две години. Од Невладината организација „Легис“ велат дека бројката на мигранти е драстично намалена и оти не е забележана зголемена фрекфенција на мигранти по балканската рута.
Мерсиха Смаиловиќ од оваа организација сугерира дека двата транзитни центри треба да се затворат, а лицата кои се тука да се згрижат во центарот за азил во Визбегово, кој има доволно легла да ги покрие моменталните потреби.
„Ние како „Легис“ сме присутни и во пограничниот појас во Лојане и имаме свој хуманитарен пункт и можам да кажам дека таму не се забележува некоја поголема фрекфенција откога рутата е официјално затворена. Така што бројката е навистина мала и најчесто се работи за депортација или враќање од Србија на бегалци кои се заглавени на рутата повеќе од година. Се враќаат од Унгарија или од Хрватска во Србија, Србија повторно ги враќа во Македонија итн.“, вели Смаиловиќ.
Бројките се незначителни, односно драстично намалени во споредба со истиот период од пред две години. Но и покрај тоа, стравот од нов бегалски бран во земјава расте, откако веќе некое време опозицијата предупредува на опасноста од доселување на мигранти и наводно градење на станови за истите.
Референдуми за непостоечки мигранти
Во изминатиот период советите на неколку општини кои сепак донесоа одлуки да се одржат референдуми за прашањето за населување на мигранти. Жителите на Штип, Кавадарци, Битола, Гевгелија и скопските општини Гази Баба, Аеродром и Карпош ќе гласаат на референдум кој се планира да се одржи на денот на локалните избори, 15-ти октомври. И „граѓанската иницијатива Будење“ организираше и собираше потписи против, како што велат, доселувањето на мигрантите. Дел од жителите на Аеродром кои тогаш се потпишуваа изјавуваа дека не им веруваат на демантите на актуелната Влада, а имаше и такви кои велат дека превентивно се потпишуваат против населување мигранти за да ги заштитат нивните деца.
„Тие се демантираат, за платформата, за униформите, за се демантираат и ќе демантираат уште многу, а ние уште многу ќе се потпишуваме“...
„Оваа влада се демантира, таа е расипничка и никако не ја поддржуваме.“
„На оваа влада не и верувам ништо“, велат анкетираните граѓани.
Правејќи споредба со 2015 година кога околу 2000 влегоа во Македонија и притоа немало толкав страв како денеска, Смаиловиќ вели дека е апсурдно да се организираат референдуми и да се трошат буџетски пари за превенција од нешто кое нема да се случи.
„И кога во моментот имаме само седум бегалци во Скопје со одреден степен на заштита, јасно е дека целата оваа галама и параноја околу бегалците и референдумите служи за политички цели бидејќи само одреден број советници од една политичка партија ги туркаат и гласаат и ги доведуваат гласачите во состојба на измама, а притоа ги злоупотребуваат народните пари“, вели Смаиловиќ.
Мигрантите - монета за партиско поткусурување
Дека прашањето за населување на мигранти во земјава е целосно исполитизирано и не се базира на факти, се согласуваат и домашните сксперти откако опозицијата се обиде да ја наметне оваa тема како реален проблем со кој се соочуваме. Со оглед на тоа дека Македонија се наоѓа во предизборен период, ваквите стратешки игри на партиите не треба да не чудат, вели аналитичарот Албет Муслиу, според кој прашањето за мигрантите е само едно од повеќето кои во следните денови ќе ги таргетира ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сме во предизборие, така да секој дополнителен глас е добредојден за политичките партии и неспорно е дека се прави таа тмурна атмосфера кај граѓаните. И во западно европските земји имаме страв од тие мигранти, па тоа генерира рефлексија на изборите. Знаете дека некои екстремни политички партии изградија политички кариери врз основа на стравот од мигрантите. Кај нас е толку очигледно дека е политизирано, така што верувам дека и ефектот ќе биде многу помал отколку што беше во западноевропските земји,“ изјави Муслиу.
Да сте цел за мигранти некогаш е и добар знак, оти тоа значи дека сте економски развиена земја, но, за жал, тоа кај нас не е случај, и ние сме само транзитна земја, велат упатените.
Според Муслиу не е случајно што дел од референдумите ќе се одржат во истиот ден кога се закажани локалните избори, односно на 15 -ти октомври.
„Има две причини зошто е така. Првата причина е моментот на контрола, затоа што партиите подобро можат да ги бројат гласовите или евентуално да ги охрабрат оние кои се двоумат да излезат во целиот процес. И вториот момент е стравот, “ изјави Муслиу, според кого создавањето страв со вакви теми во обид да се дојде до глас повеќе, нема да има голем ефект кај граѓаните. Во целата оваа равенка недостигаат мигрантите, и повеќе од јасно е дека овој страв не може да ескалира во непожелни сценарија, вели Муслиу.
Неодамна и министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Дојче Веле изјави дека Македонија може да прими бегалци дури откако ќе стане земја членка на Европската унија.Тезите дека Владата има намера да доселува мигранти прво почна да ги форсира ВМРО-ДПМНЕ. Централниот комитет на опозициската партија во јули изрази загриженост од најавената нова стратегија за мигрантите од која, како што наведоа, произлегувало дека Владата се подготвува да прифати поголем број мигранти во Македонија. Потоа на комисиската расправа во Собранието опозициските пратеници водеа жестока дебата тврдејќи дека Владата директно, со писмо и во својот акционен план и во својата стратегија, барала повеќе од 100 локации за почнување на изградба на згради низ цела Македонија.
Според аналитичарите оваа кампања се форсира преку лажни вести, сеење на страв и ксенофобија со цел да се идентификува со перформансите на новата власт.
„Кампањата е неодговорна, опасна е, креира ксенофобични граѓани за сметка на краткорочни политички калкулации и оттука мислам дека е неоправдана особено затоа што се заснова на лажна вест, на непостоечки политики“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
За разлика од Трошановски кој смета дека целта на опозицијата не е да се дефокусира дебатата за перформансите на нивните кандидати, професорката Мирјана Најчевска смета дека форсирањето на една ваква тема ВМРО-ДПМНЕ го прави бидејќи, како што вели, не може да се пофали со одлични резултати.
„Значи основата идеја со којашто се оди е да го развијат чувството на загрозеност, а кога човек е загрозен не се важи или стануваат помалку важни сите секојдневни проблеми и барања,“ вели Најчевска.
Во неколку наврати претставниците на Владата ги демантираа ваквите информации. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска од самиот почеток тврди дека се работи за манипулација и дека во Македонија нема да се населуваат бегалци, ниту да се градат станови.
Во време на најголемиот мигрантски бран во 2015-2016 година во Македонија имало 1.600 мигранти, а во моментов нема повеќе од 50 во двата транзитни центри и во центарот за азил. Според индексот за прифаќање на мигранти на Галуп интерешнл, Македонија е земја што е најмалку расположена за прифаќање мигранти. Земјава има најниска оцена-1,47, а по неа следуваат Црна Гора, Унгарија, Србија, Словачка и неколку други европски земји. На листата од десет држави најмалку расположени за мигранти единствена неевропска земја е Израел.
Неоправдан страв од мигранти
Европскиот суд на правдата ги отфрли жалбите на Словачка и Унгарија за мигрантската политика на Европската унија. Со тоа остана во сила правото на Брисел да ги принудува земјите да примаат баратели на азил.
Гоце Атанасов
Со последната одлука во врска со спорот кој почна пред две години кога над милион мигранти преку Средоземно и Егејско Море стигнаа во Европа, највисокиот суд на Европската унија потврдува дека Унијата има право да им порача на националните влади да преземат квоти на главно сириски бегалци од Италија и Грција. Европската комисија веднаш соопшти дека е подготвена да покрене судски постапки во рок од неколку недели кои би можело да завршат со казни за Полска, Унгарија и Чешка ако и натаму одбиваат да прифатат мигранти.
Еврокомесарот за миграциски прашања Димитрис Аврамопулос изразувајќи надеж дека до тоа нема да дојде потенцира дека Европската комисија дејствувала исправно.
„Со ваквата одлука Судот потврдува дека имало навистина итна ситуација карактеризирана со ненадеен протек на расселени лица во Европа. Второ, мерките што ги предложивме преку релокација се соодветни да се одговори на ситуацијата, што значи да им се помогне на Грција и Италија да се справат со последиците од мигрантската криза“, рече комесарот Аврамопулос.
Премиерката на Полска Беата Шидло веднаш ја отфрли пресудата на Европскиот суд при што изјави:
„Го очекувавме ова. Јас бев сигурна дека ќе биде донесена ваква одлука. Но, ова апсолутно не ја менува позицијата на полската влада во врска со миграциската политика“, рече премиерката на Полска.
Таа изрази надеж дека и другите членки на Вишеградската група, Чешка, Унгарија и Словечка ќе го сторат истото. Инаку, програмата која беше одобрена со гласање во Европската комисија наиде на противење од поранешните комунистички земји кои сметаат дека нивните општества не се подготвени да прифатат мигранти.
Со планот се бараше релокација на 160 илјади луѓе но, само над 27 илјади од нив се разместени. Од 2014 година досега, Европската унија прифати над милион и 700 илјади мигранти и бегалци од Блискиот Исток и Африка. По масовниот бран во 2015 година нивниот број беше драстично намален, особено по договорот меѓу Унијата и Турција за затворање на балканската мигрантска рута. Унгарија и Полска не примија ниту еден мигрант според овој план, додека Словачка и Чешка презедоа само неколку десетици.