Достапни линкови

Пионерскиот дом во Куманово наскоро ќе стане градинка


Oбјектот на поранешниот Пионерски дом во Куманово.
Oбјектот на поранешниот Пионерски дом во Куманово.

По реконструкцијата објектот на Пионерскиот дом ќе биде дел од градинката Ангел Шајче и во него ќе бидат сместени 85 деца. Со овој потег ќе се ублажи проблемот со долгата листа на чекање за сместување во градинка.

По завршување на градежните работи за реконструкција на речиси пред една деценија запуштениот објект на поранешниот Пионерски дом, а потоа преименуван во Центар за детско творештво „29 Ноември“, во центарот на Куманово, кон крајот на септември годинава ќе биде дел од Детската градинка „Ангел Шајче“. За реконструкција на објектот Министерството за труд и социјала издвоило три ипол милиони денари од буџетот за 2017-та година.

Во меѓувреме од објектот кренала раце државата, а по шестгодишно настојување тој повторно да се врати во надлежност на Република Македонија и со слух за негово значење, Министерството за труд и социјална политика во соработка со локалната заедница се зафати со негово реконструирање.

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски вели дека за почеток ќе се реконструира 26 отсто од објектот, а министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, дека во преадаптираните три простории ќе бидат сместени 85 деца од една до шест годишна возраст и дел за деца помали од една година.

„Мислам дека овој импозантен објект има сериозни зафати, а се надевам дека со одлуките на Владата на РМ и Министерството ќе се врати во надлежност на локалната самоуправа. Тука има сериозна инвестиција, имаше и еден угостителски објект, по ниеден основ присутен тука. Се надевам дека идната година ќе направиме буџетска поддршка како Општина, заедно со надлежните министерства, да направиме еден импозантен објект наменет за најмалата возраст, дали ќе биде за предучилишна возраст или како дневен центар. Има прекрасна сала за настапи за младите која едно време беше бренд за младите од предшколска возраст. Ќе го уредиме и партерно и 2018-та година ќе биде посветена на овој објект“, вели градоначалникот Дамјановски.

Со оглед на тоа што околината на објектот е обрасната со трева и со диви нискостеблести дрвја, преполни со разновиден отпад и смет, неопходно е и оплеменување и уредување согласно потребите на градинката.

Дамјановски додаде дека се работи и на уредување на инфраструктурата во близина на објектот.

Министерката Царовска изјави дека со реконструирање на овој објект ќе се зголеми и капациетот на опфат на деца кои ќе бидат згрижувани во новите занимални.

„Со тоа ќе се обезбедат услови децата да добијат посветено предшколско образование или ран детски развој“, вели министерката.

Таа додаде дека сега објектот е под владение на Министерството за труд и социјална политика.

„И сметаме дека ова е посебен објект и целиот да биде посветен на градинка, со тоа што ќе го отстапиме на општината и дел по дел ќе го реконструираме. Опфатот е 26 проценти и ќе треба уште многу да инвестираме во Куманово“, додава Царовска.

Со пуштање во употреба на овој објект ќе се намали бројот на деца кои околу 700 се на листа на чекање, а околу илјада и 800 се сместени во шест објекти на градинката.

Исто така по еднодецениско тивко замирање на објектот во кој многу генерации деца поминуваа слободно време развивајќи ги своите креативни способности, конечно ќе им се врати на децата. Несомнено со детскиот жагор ќе заживее, а родителите кои поминале дел до својот живот со свои деца повторно ќе влезат во објектот од кој носат прекрасни спомени.

Министерката Царовска најави реновирање на објекти и во останатите урбани и рурални делови од државава.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG