Достапни линкови

Кумановските градинки претесни за сите деца


Детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.
Детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.

Сместувачкиот капацитет во кумановските градинки е предвиден за 890 деца, а запишани се 1.800. Во градот ниту се градат нови државни градинки, ниту се вработува нов кадар.

Во кумановската Детска градинка „Ангел Шајче“, постоечкиот капацитет тешко може да ги задоволи потребите за згрижување на децата, чиишто родители имаат потреба за тоа. Сместувачкиот капацитет е предвиден за 890 деца, а запишани се 1.800, вели директорката Марина Алексовска. Таа додава дека приемот на барањата за упис на деца од предшколска возраст е во текот на целата учебна година, но според неа најупатно е тие да бидат поднесени до половината на јуни, како би имало време и можности сите да бидат разгледани подетално, за да им се излезе во пресрет на оние родители и деца кои од градинка имаат најголема потреба, со почеток на септември.

Марина Алексовска, директорка на детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.
Марина Алексовска, директорка на детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.

„За жал не би можеле да излеземе во пресрет на сите родители кои имаат потреба од нашите услуги“, вели Алексовска.

Таа појаснува дека во пет од шестте објекти во состав на Градинката работат јасли за најмалата возраст на децата, а во еден објект работи оддел за училишни деца, познат како целодневен престој. Со оглед на големиот број деца кои се на листа на чекање Алексовска вели дека нивните планови веќе низа години не се реализираат.

„И со години наназад како алармантен проблем го кажуваме на Министерството за труд и социјална политика каде што, за жал, нема слух. Последните објекти се градени пред 40-те години, а ние немаме ниту изградба на нови објекти, иако градот се шири, ниту пак добиваме одобренија за вработување на нови кадри“, вели таа.

Во Куманово засега постојат две приватни градинки. Во нив престојуваат деца чии што родители или немаат избор, поради тешко добивање место во општинската градинка, или се финансиски поимотни, зашто во нив севкупниот трошок е на сметка на родителите.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG