Општините каде на локално ниво на власт е опозицијата. постојано се жалат дека од централната власт немаат доволен прилив на средства за да ги реализираат потребните проекти. Тие сметаат дека тоа е тенденциозно.
Во Општина Куманово немаме ниту еден капитален проект во последните девет години, згора на тоа имаме постојани блокади и неможност да добиеме какви било кредитни линии, бидејќи по Закон за фискална дисциплина мора да добиеме согласност од ресорното министерство.Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.
Куманово е една од општините со која управува градоначалник од опозициска политичка партија. Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека во изминатите девет години овој град е оставен на маргините во однос на капитални инвестиции во инфраструктурата.
„Во Општина Куманово немаме ниту еден капитален проект во последните девет години, згора на тоа имаме постојани блокади и неможност да добиеме какви било кредитни линии, бидејќи по Закон за фискална дисциплина мора да добиеме согласност од ресорното министерство“, вели Дамјановски.
Поради ова Куманово не е во можност да креира реална локална политика во секоја сфера од надлежностите, пред се во комуналните дејности, образованието, социјалата, спортот, културата и се она што го чини интересот на граѓаните на локално ниво, вели Дамјановски.
Заседаваше советот и распределивме околу 2 милиони евра за проекти рамномерно низ сите региони во Република Македонија, вклучувајќи ги речиси сите општини.Лирим Шабани, министер за локална самоуправа.
Ова е еден во низата проблеми со кои се соочува оваа општина, поради скромниот фонд на средства предвидени со Законот за фискално работење на локално ниво. Дамјановски оценува дека не може да се зборува за фискална децентрализација. Проблеми има и со спортските сали и градинките, иако владата промовираше токму таков проект, вели Дамјановски.
„Од отчетот на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ за 100 училишта, 50 градинки, спортски сали, игралишта итн., во Куманово нема изградено ниту едно училиште, ниту една градинка, нема направено ниту едно спортско игралиште“, вели тој.
Ваквите реакции на опозициските градоначалници централната власт ги отфрла како неосновани. Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани се повикува на последната распределба на средства за општините преку Советот за рамномерен регионален развој.
„Давам пример да објаснам дека тоа не е баш така, заседаваше советот и распределивме околу 2 милиони евра за проекти рамномерно низ сите региони во Република Македонија, вклучувајќи ги речиси сите општини, затоа што општините аплицираат преку Центрите во Министерството и ние преку Советот рамномерно ги распределивме тие средства. На тој начин правиме и во другите случаи, така да не би се согласил целосно дека тоа е така“, изјави министерот Лирим Шабани во интервју за Радио Слободна Европа што ќе се емитува во недела. Дамјановски вели дека средствата за кои зборува министерот се однесуваат за развој на руралните средини и дека Куманово од тоа нема некоја добивка.