Достапни линкови

Подобри резултати на кумановската полиција


Совет на Општина Куманово.
Совет на Општина Куманово.

Во областа на криминалитетот има намалување за околу 14, во сообраќајните незгоди за седум, а прекршувања во областа на јавниот ред и мир за околу 27 насто.

Од извештајот за работа на Полициската станица од општа надлежност во Куманово за минатата година се гледа дека има подобри резултати од претходната. Во областа на криминалитетот има намалување за околу 14, во сообраќајните незгоди за седум, а прекршувања во областа на јавниот ред и мир за околу 27 насто.

Она што е актуелно, како медицинско лице сакам да прашам е колку вработените во Општата станица во Куманово имаат искуство на она што ќе биде ставено во употреба, а тоа се гумени куршуми, шок бомби, оти во мојата долгогодишна работа имам видено повредени со такви средства, кои ниту се безопасни, ниту толку наивни како што можеби се чини.
Снежана Захариева, советничка од СДСМ.

Советниците, и од локална власт и од опозицијата, го усвоија извештајот, со забелешка дека и даваат поддршка на полицијата за поуспешна работа, за Куманово да стане побезбедно место за живеење. Вообичаено, меѓутоа, советниците од локалната опозиција да имаат само пофалби, оние од власта имаа и критички забелешки согласно последните сознанија за случувањата во МВР и на теренот.

Снежана Захариева од СДСМ потенцираше дека во Секторот за превенција има добри резултати, но забележа дека недозоволената трговија со наркотици и сè поголем број млади луѓе зафатени од овие пороци не изостануваат зад „трендот“ во светски рамки. Превенцијата има главна задача да обрне внимание не само на најмладите сограѓани, туку и на нивните родители.

Од извештај до извештај се гледаат подобри резултати. Ги охрабрувам да продолжат и да ја вршат работата како што треба за да постигнат уште подобри резултати, што ќе биде од општо добро на сите граѓани во Куманово.
Мирослав Стојановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Она што е актуелно, како медицинско лице сакам да прашам е колку вработените во Општата станица во Куманово имаат искуство на она што ќе биде ставено во употреба, а тоа се гумени куршуми, шок бомби, оти во мојата долгогодишна работа имам видено повредени со такви средства, кои ниту се безопасни, ниту толку наивни како што можеби се чини. За жал, доведуваат до тешки оштетувања и траен инвалидитет, а сум видела кај млади луѓе кои најчесто се применуваат кај нив“, вели Захариева.

Мирослав Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека полицијата има подобрување во работата.

„Од извештај до извештај се гледаат подобри резултати. Ги охрабрувам да продолжат и да ја вршат работата како што треба за да постигнат уште подобри резултати, што ќе биде од општо добро на сите граѓани во Куманово“, вели Стојановски.

Меѓутоа, Александар Арсиќ од СДСМ искоментира и она што се случува во МВР.

„Сега се појавија многу недоумици со она што се работи во МВР, односно го направија МВРО. Граѓаните ме прашуваат за однесувањето на поединци на МВР,односно сега го направија МВРО. Дали во СВР Куманово имало штаб на ВМРО-ДПМНЕ и кол центар? Дали некој дал задача и кој, да се запираат автобусите кои превезувале незадоволни граѓани од СДСМ на одредени протести, биле праќани на технички преглед и граѓаните се заинтересирани дали МВР е подготвено да ги употреби гумените куршуми?“, рече Арсиќ.

Ова предизвика реакции кај опозиционите советници, кои напоменаа дека се работи за извештај.

Антонио Витковски, командир на Полициската станица од општа надлежност во Куманово, даде појаснувања и на прашањата за воведување на позорникари, за мерките за намалување на сообраќајниот метеж, за светлосната сигнализација, за обидите да се спречат наркозависниците кои злоупотребуваат наркотици во напуштени објекти. Колку и да се подобрени резултатите, Витковски смета дека има уште многу работа и дека за подобар успех е неопходна соработка и со локалната самоуправа и со институциите. За употреба на гумените куршуми, тој рече дека за тоа требаат обучени полицајци.

„Полицијата е овластена да презема законски мерки доколку се исполнети законските услови независно каде и против кого“, рече тој.

За намалување на наркоманијата, Витковски додаде дека не може полицијата да презема мерки кои не се во нејзина надлежност.

„Ние на никого не можеме без судско овластување да ограничиме право на движење. Ние преземаме законски мерки преку прекршочни пријави и приведување. Превенцијата треба да се вклучи за намалување на наркоманијата во Куманово, што е сериозен проблем“, рече командирот, кој негираше дека во СВР Куманово имало партиски штаб.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG