Локалната самоуправа во Куманово се соочува со бројни проблеми кои се во причинско-последична врска со финансиската состојба и со игнорантскиот однос од централната власт. Советничката група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и дел од јавноста, немаат разбирање за тоа, а на градоначалникот Зоран Дамјановски постојано му префрлаат дека во третиот мандат ништо не работи.
Можеби поедноставно би било прашањето на што не му забележуваме на градоначалникот. Факт е дека последната година ипол од овој мандат во Куманово ништо не е направено. Постоечкото не се одржува и градот заостанува во секој поглед.Драган Петковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово.
„Можеби поедноставно би било прашањето на што не му забележуваме на градоначалникот. Факт е дека последната година ипол од овој мандат во Куманово ништо не е направено. Постоечкото не се одржува и градот заостанува во секој поглед“, вели Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Дамјановски појаснува дека Куманово во 2012 и 2013 година е под финансиска блокада поради кредитот од 5,5 милиони евра и судски трошоци, земен од Владата од МЕАП програмата од 2001-та година за изградба на пречистителната станица.
Куманово работи под нужна резерва. Ги сервисира тековните работи. Ги остварува програмите за неопходни работи, санација, реконструкција. Капиталните инвестиции се заостанати за извесен период.Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.
„Куманово работи под нужна резерва. Ги сервисира тековните работи. Ги остварува програмите за неопходни работи, санација, реконструкција. Капиталните инвестиции се заостанати за извесен период. Се надевам дека од ноември, поточно со новиот буџет, ќе се финишираат капиталните инвестиции, бидејќи изминатите две години успеавме да вратиме долг од 7,5 милиони евра од денационализација стара 30 години и од кредитот за пречистителна станица за отпадни води“, вели Дамјановски и додава дека се завршени некои неодложни ситни инфраструктурни проекти.
Дали оваа состојба локалната опозиција ја има предвид, Петковски е со став дека за дел од проблемите имаат разбирање, но и покрај тоа, според него, има прашања за кои треба и добра волја, не само финансии. Иако во државава, па и во локалните самоуправи, секојдневно има исклучиво партиски вработувања, Петковски вели дека тие се советници и ја следат состојбата само на локално ниво.
„Секојдневно слушаме и гледаме некои нови лица во Општината и покрај сите изјави на градоначалникот кој се жали дека нема пари“, вели тој.
Новите партиските вработувања Дамјановски ги негира.
„Јас таква критика немам слушнато“, вели градоначалникот и додава дека по разни основи дури има и упразнети работни места.
Иако советниците од двете најголеми спротивставени партиски коалиции се декларираат дека во сите нивни заложби приоритет се граѓаните, запрашан дали локалната опозиција во таа насока се обидува да ги поврзе локалната и централната власт за надминување на некои круцијални проблеми, Петковски вели дека има и такви примери.
„Најочигледен пример за тоа е водоснабдувањето. Ги споивме Министерството за земјоделие, „Кумановско-Липковско Поле-Водостопанство“ и Јавното претпријатие „Водовод“ Куманово и се надмина проблемот,“ вели Петковски и додава дека нивниот став е дека секогаш кога ќе има потреба тие ќе интервенираат.