Достапни линкови

Нема дијалог помеѓу власта и опозицијата во Куманово


Совет на Општина Куманово.
Совет на Општина Куманово.

Локалната власт во Куманово и опозицијата комуницираат единствено преку прес- конференции.

На седниците на Советот се создава впечаток дека за една иста тема или проблем советниците со различен политички предзнак како да се два света. И едните и другите не се задоволни од она што се случува во градот, а сето тоа се прекршува најчесто преку грбот на граѓаните.

Основните потреби на граѓаните на Општината Куманово се занемарени. Сите предвидени работи што беа за изградба на водовод, канализација, улици и изградба на детска градинка беа отфрлени.
Драган Петковски, ВМРО-ДПМНЕ.

По неодамнешната расправа за ребаланс на буџетот, Драган Петковски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека уште минатата година при изгласувањето на буџетот тие забележале дека е нереален, предимензиониран и тешко остварлив. Тоа било потврдено, според него, и при изнесената промена на планот за развој на Општината.

​„Основните потреби на граѓаните на Општината Куманово се занемарени. Сите предвидени работи што беа за изградба на водовод, канализација, улици и изградба на детска градинка беа отфрлени. За нив не беше потрошен ниту денар во текот на 2014-та година и покрај евидентните проблеми со кои граѓаните се соочуваат.“

За демократија треба билатерала, разговор, дијалог. Ние разговараме само преку конференции за печат. Едните си ја кажуваат својата, ние ја кажуваме нашата страна и луѓето ги доведуваме во една конфузија.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Петковски меѓу другото наведува недостатоци на вода, неасфалтирани и ископани улици, недоволно места во градинка.

„Можеби би можеле да ја разбереме општинската власт дека нема пари, ако на сметка на ова за некои други работи,како што е изградба на затворениот базен не беа потрошени повеќе пари, отколку за сето наведено претходно.“

Според него не дека на Куманово не му е потребен и затворен базен, меѓутоа, треба да се води сметка за приоритетна листа.

Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека тој и службите се обидуваат да објаснат што значи ребаланс на буџетот, комунална такса, намалување на неколку ставки и ред други работи кои не зависат од работата на Општината.

„Тоа се данок на промет на недвижност со голема ставка секогаш кај нас, комунална такса за градежно неизградено земјиште, продажба на земјиште,с е тоа коинцидира со економската состојба кај нас, тоа беше објаснување.“

Дамјановски додава дека има кратење на програмата по сите ставки.

„Најголеми ставки се кратат токму во капиталните инвестиции на пример над 50 милиони денари токму во изградбата на базенот, во културата, во спортот, во социјалата, во сите сегменти имаме пропорционално кратење, со тоа што развојната програма има намалување околу 35 отсто. Паралелно со тоа имаме закон за фискална дисциплина, која го регулира финансиското работење.“

Дамјановски оптимистички најавува дека наредната година ќе биде поуспешна.

„Сметам дека ја користат секоја прилика да покажат колку се тие супериорни во однос на тоа што значи централна власт врз локална и тоа е некоја игра на Давид и Голијат, па секоја нивна конференција за печат започнува со тоа.“

Тој додава дека капиталните инвестиции во областа на културата, социјалата и слично се одговорност на ресорните министерства на Владата на РМ, а локалната самоуправа ќе се приклучи, согласно своите можности и надлежности. Така е и по Законот за фискална децентрализација .

„За демократија треба билатерала, разговор, дијалог. Ние разговараме само преку конференции за печат. Едните си ја кажуваат својата, ние ја кажуваме нашата страна и луѓето ги доведуваме во една конфузија“, вели Дамјановски и додава дека тој се обидува на седниците на Советот детално да објасни, но медимуте не се во состојба тоа целосно да го пренесуваат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG