Достапни линкови

„Лет над кукавичјето гнездо“ премиерно во Драмски театар


Сцена од претставата „Лет над кукавичјото гнездо“
Сцена од претставата „Лет над кукавичјото гнездо“

Работена според романот на Кен Киси од 1962 година и во адаптација на Дејл Васерман, на 22 декември, во 20 часот, во Драмски театар, ќе се случи премиерата на театарската претстава „Лет над кукавичјето гнездо“. Режисер е Ристо Алексовски, а во оваа драма која се бави со прашањето „Што и кој е луд“ играат Сашо Тасевски, Емилија Мицевска, Благој Чоревски, Диме Илиев, Златко Митрески, Ѓорги Тодоровски, Ненад Нацев и други.

Стокмена во нешто повеќе од дваесеттина проби и надвор од планираната програма, со идеја тоа да биде точка на пресврт која колективот ќе го придвижи кон пожелуваната нагорна линија и ќе се обиде да го врати некогашниот сјај, на Драмски театар, овој петок, на 22 декември, во 20 часот, ќе му се случи премиерата на претстава „Лет над кукавичјето гнездо“. Проектот е работен според романот на Кен Киси од 1962 година и во адаптација на Дејл Васерман, а режисер е Ристо Алексовски.

Говорејќи за одлуката да се постави драмата, в.д. директорот на Драмски – Сашо Тасевски вели дека на тоа се решиле затоа што „ние долги години живееме во едно такво гнездо“.

„Ние долги години живееме во едно такво гнездо најмногу благодарение на тоа што самите си го изградивме тоа кукавичко гнездо, тој затвор во којшто се наоѓаме и од кој понекогаш само ретки птици успеваат да излезат од таа жабокречина или, пак, да ни покажат како навистина човек треба да размислува автентично. Да размислува со своја глава и да си го кажува своето мислење. Ние кога ќе ги препознаеме таквите ликови во јавноста веднаш градиме околу нив аура, а забораваме дека во една нормална држава тоа треба да биде практика“, вели Тасевски.

Режисерот Алексовски, кој во една пригода додека студирал во Бугарија имал можност да го работи текстот на Киси и кој досега на домашната театарска публика и е познат по проектите како „Дневникот на лудиот“, „Дома“, „Последната лента на Крап“, „Отпушоци“, монодрамите „Човекот од соба 7“ и „Секс, дрога и рокенрол“ (обете работени со Тасевски), поетичната „Копнеж по целината“ и влегува во редот на оние наши творци кои речиси и да не ја добиле вистинската шанса досега, знае да каже дека „Лет над кукавичјето гнездо“ е всушност претстава на актерите на Драмски театар. На оние „кои имаат специфична ДНК, на луѓето кои се исклучително многу посветени на својата професија и кои безрезервно се даваат на сцена“. Тој потенцира дека со нив реализирале една убава потрага до себе.

„Во овој луд свет во којшто живееме и станува се полуд и полуд, пробавме да си одгатнеме едно едноставно прашање: Што и кој е всушност луд? Што претставува лудоста по себе“, вели тој.

Во преставата играат играат актери од неколку генерации како Сашо Тасевски (кој од објективни причини во последен миг го заменил колегата Дејан Лилиќ), Соња Стамболџиоска, се поприсутниот „пензионер“ Благој Чоревски, Диме Илиев, Златко Митрески, Ненад Нацев, Игор Ангелов, Предраг Павловски, Игор Георгиев, Мелита Софрониоска, Александра Палова, а Емилија Мицевска која ја игра улогата на главната сестра Речид истакнува дека толкува „стерилен лик којшто ја има моќта да контролира преку ред и дисциплина и особено манипулативен пристап кон пациентите“. Дополнува дека тие со драмата „посегнуваат по големи теми коишто сеуште сите не засегаат“.

„Проектот го поставува прашањето што значи слобода. Дали редот и дисциплината и даваат слобода на индивидуата, или пак обратно нередот и недисциплината ни ја носат слободата кон која сите тежнееме меѓутоа никој не го достигнал тоа“, вели таа.

Ѓорги Тодоровски, кој по долго отсуство се враќа на сцена и за кого колегите тврдат дека изградил одличен лик како Мартини, знае да каже дека „навистина е тешко цели два часа и десеттина минути да бидеш различен и да бидиш во свој свет“.

„Тие што ќе ја гледаат претставата ќе видат дека сите пациенти се заедно ама Мартини е во некоја своја аура. Затворен во некој друг, свој свет. И се* што се случува, она што кај другите може да направи некаква реакција, кај него, кај ликот што јас го играм, ништо не донесува. Тој не реагира на дразбите. И ако овие се тука, тој е којзнае каде. И нема никој. Затоа сака да се фати за некого, да се прилепи, да му пружат малку љубов“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека преводот на „Лет над кукавичјето гнездо“ е на Марија Димовска, сценографијата и костимографијата се на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, оригиналната музика ја напишал Милан Димушевски, а асистент на режија е Емилија Спасова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG