Достапни линкови

Праизведба на „Вера, љубов, надеж“ во Драмски театар


Работена по истоимениот текст на Еден фон Хорват од 1932 година, овој петок, на 10 ноември, во 20 часот, на сцената на Драмски театар – Скопје, во режија на Лука Кортина од Италија, ќе се случи праизведбата на претставата „Вера, љубов, надеж“. Во оваа сторија за потребата да веруваме во нешто и надежта дека тоа ќе се случи настапуваат 16 актери од неколку генерации, а главните улоги ги толкуваат Наталија Теодосиева и Филип Трајковиќ.

„Вера, љубов, надеж“ е приказната на младата жена Елизабета, која ја живее етиката на своите принципи против еден свет кој се правда со закони. Етиката пред правниот систем. „Вера, љубов, надеж“ е тоа што ги прави луѓето луѓе, во еден свет каде што нема ни вера, ни љубов, ни надеж. Приказната е за сите оние што мислат дека односите помеѓу луѓето се градат исклучиво заради корист и за секој од нас кој во одреден момент изгубил верба. Приказната е за Елизабета, вид во исчезнување, како што сме и сите ние кои се занимаваме со театарската уметност. Сите ние кои се бориме да докажеме дека театарот има незаменлива општествена улога во негувањето на критичката мисла. Приказната е и за мене и моите дванаесет години поминати во Македонија, во кои никој не поверува дека сум дојден заради искрената верба во театарот.

Ова ќе го напише италијанскиот режисер Лука Кортина во пресрет на праизведбата на „Вера, љубов, надеж“ од Еден фон Хорват, театарската игра создадена во соработка со Лукас Кристл, во чие подзаглавие стои и следново: „Мал танц на смртта во пет слики“.

За преводот од германски на македонски јазик се погрижила Слободанка Поповска, а режисерот истакнува дека поставувањето на овој проект на сцена го смета како една од најголемите доблести и најголемите предизвици за македонскиот театар. Вели дека на овој начин се јавува еден светски познат текст веќе поставуван на сите поголеми театарски сцени во Европа и не само на континентот и дека тие на тој начин се занимавале со нешто за кое и немале точки на споредба во досегашното искуство на македонскиот театар.

„Прикажуваме вистински исчекор во однос на вообичаените претстави во контекстот на македонскиот театар. И како сите храбри потези се соочуваме со непознатото. Јас мислам дека не може да се прави театар во кој можеме да играме на сигурно. На сигурни карти. Тоа е еден механизам на ентропија. Ние како уметници имаме една естетска уметничка задача и една социјална задача. Тоа што се вика политика, односно да се биде составен дел на еден полис на една средина. И заради тоа наша задача е да поставуваме прашања, а не да се бавиме со потврдување на веќе дадените одговори“, вели Кортина.

Тој потсетува дека секогаш актерите се театарот и дека сите заедно потпишуваат една претстава која во суштина крши предрасуди.

Наталија Теодосиева - Елизабета во „Вера, љубов, надеж“
Наталија Теодосиева - Елизабета во „Вера, љубов, надеж“

​Од таму, нималку не чуди кога Наталија Теодосиева, која како гостинка во ансамблот на Драмски театар ја игра Елизабета и, како што вели Кортина, „била условот и причината да се случи „Вера, љубов, надеж“, ќе рече дека толкува лик кој има некои свои принципи во животот во кои цврсто верува и никогаш нема да се откаже од нив.

„Таа е цврсто уверена во нејзиниот принцип, во нејзината етика, во нејзините ајде да кажеме и политички убедувања и на крајот ќе заврши така како што ќе заврши затоа што таа е една и единствена во тој свет и затоа ќе плати. Затоа што се разликува. Затоа што не верува како другите, не мисли како другите, мисли со своја глава и го живее својот живот на свој начин“, вели Теодосиева.

А, Филип Трајковиќ, задолжен за ликот на Полицаецот или Алфонс Клостермаер, истакнува дека игра лик на член на едно општество кој се држи до одредени, строги правила и неговата единствена шанса за среќа се руши од самото тоа што е токму дел од таквото општество во кое има само ред и дисциплина.

„Од се сме врзани. Цело време нешто не спречува да го достигнеме тоа што реално и постојано го сакаме. Да си дадеме малку оддишка од цел овој систем на живеење. Постојано треба да се напредува, треба да се заврши ова, треба да се стори тоа, цело време сме расплинети. Немаме време за себе, да се собереме, да се насмееме, да сме малку среќни. Така да се надевам дека претставава што ја играме ќе донесе некоја поука – луѓето конечно да се свртат кон вистинските вредности во животот. Оние што навистина значат“, вели тој.

Во „Вера, љубов, надеж“ играат вкупно 16 актери од неколку генерации, докажани глумци како Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Зоран Љутков, Лазе Манасковски, Соња Стамболџиовска, Димитрија Доксевски или младите Јана Стојановска, Дениз Абдула, а меѓу нив е и неуморниот пензионер Благој Чоревски, кој ќе рече дека е почестен што е поканет да игра со млада екипа од која учи како што кога бил млад учел од искуството на повозрасните актери.

„Иако е од 1930-тите, овој текст многу говори и за сегашната транзициска состојба во која се наоѓаме сите и за борбата на младиот човек кој има елан да направи нешто поинакво, но нема средства да ја надгради својата идеја“, смета Чоревски.

Интересно е и тоа што самите актери на сцена свират на различни инструменти, а музиката на Љупчо Константинов креирана во рамките на двомесечниот процес на подготовка, е во функција на претставата. Затоа и не чуди што композиторот забележува дека за релативно кратко време „успеале да направат музика што добила форма на драмско лице, а не да биде само параван на дејствието на сцена“.

Кон ова само уште информациите дека за сценографијата се прогрижила Мери Батакоја, а за костимите Марија Пупучевска. Таа „костимите на ликовите не ги врзала за некоја одредена епоха затоа што, како што вели, самиот текст е и овде, сега и некогаш“.

Инаку, со поставувањето на „Вера, љубов, надеж“, Сашо Тасевски, в.д. директорот на Драмки театар Скопје, смета дека започнува една нова, поинаква,похрабра и поангажирана репертоарска политика во оваа институција.

„Во изминативе деценија и половина театарот започна да го распродава некогаш стекнатиот углед. Едноставно не правеше претстави за овде и сега, дела што ќе зборуваат за она што ни се случува, што не допира. Затоа визијата на новото раководство ќе биде да се прават жестоки претстави што ќе зборуваат за нас, за она што суштински и егзистенцијално не допира како поединци и како заедница во еден локален и во еден глобален контекст. И со самото тоа тие драми што ќе бидат во програмата на Драмски театар за 2018 година, оние режисери којшто ќе ги театрализираат и режираат, ќе бидат токму такви – ангажирани, со жестоки карактери, со многу силни заплети, многу или малку помалку современи и она што го гарантираме е страшно добар квалитет на драмите што ќе бидат поставени“, вели Тасевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG