По спектаклот на отворено на Ќендрим Ријани, на вториот ден од „Скупи 2017“, ќе биде прикажана „Ѕверот“ на рускиот театар „У моста“. Станува збор за проект на авторите Михаил Гиндин и Владимир Синакевич, што како режисер го потпишува Сергеј Федотов, и кој за релативно кратко време кај тамошната јавност испровоцирал бура од спротивставени чувства нудејќи сторија за животот после светскиот Армагедон и потребата за спас на Универзумот.
В сабота, на 14 октомври, во кино „Фросина“, е планирано да се случи контроверзната драма „Маченик“ на германскиот драматург Мариус вон Мајенбург која се бави со прашањата како „политичка коректност“, „толеранција“, „предрасуди“, отворајќи ја така дебатата за религијата, догмата и науката. Претставата е дело на режисерот Фатос Бериша, а ја донесува Градскиот театар од Ѓаковица, Косово.
„Пуши како маж“ е монодрама инспирирана од животот на Фрида Кало. Овој физички театарски перформанс на Јафит Леви од Израел, како што ќе биде забележано во најавата, „открива аспекти од животот на една комплексна, независна и бунтовна жена. Жена и уметница која ги прекршува кодексите на општествените норми, се соочува со прашањата на идентитетот и половите разлики, од политиката до уметноста, и храбро го поплочува патот за многу други жени во годините што ќе дојдат“.
Еден ден подоцна, во понеделник на 16 октомври, публиката ќе има можност да ја проследи „Визии од сребрениот век“ на авторот Алмир Башовиќ и режисерот Стеван Бодроза, зад кои застана Центарот за културна деконтаминација на Белград. Сите заедно ќе забележат дека „театарот не мора да се бави со политика и најверојатно нема да може да понуди решенија, но дека може и треба да поставува прашања за луѓето кои се вмешани во историските случувања за да оние кои преживеале можат да продолжат да живеат со товарот на преживеаното“.
На ова издание на фестивалот „Скупи“ посебно за издвојување е и гостувањето на Театарската компанија „Јирјирак“ со претставата на Мехди Шеикванд - „Зборувај Медеа“, една „приказна за моќна жена која се чувствува запоставена и која во својата осаменост одмаздата ја насочува кон сопругот и мажите во општеството што ги прави нејзините страдања слични на оние на Прометеј“.
И, конечно, за крај на ова издание на Фестивалот, е оставена извонредната „Слугинки“ од Жан Генет и режисерката Диана Добрева, во продукција на Националниот театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија.
„Единствената работа којашто не прави луѓе и не разликува од се друго е уметноста, културата, односно духот. Се чини дека материјалното победува, но тоа е еден привид којшто сакаат некои луѓе, некои скриени сили, агенди да го наметнат и затоа слоганот на нашиот фестивал е „За здрав дух“. Треба да го зачуваме она што го имаме, колку и да го имаме. Тоа е основата на сè, ќе рече во пресрет на почетокот на манифестацијата селекторот на програмата“, вели актерот Сенко Велинов.
Велинов, кој заедно со колегата Музбајдин Ќамили Мучи и продуцентот Осман Ахмети цела една декада стои зад случувањето, дополнува дека „Скупи фестивал“ и овојпат е со намера на љубителите на театарот во седумте предвидени дена да им понуди по една „таблета“, по една претстава на вечер за да бидат со поздрав дух отколку досега.
„Ќе се обидеме да ја задржиме традицијата. Да покажеме театри коишто не сме ги виделе досега и некои што ги знаеме, а мислиме дека е добро да ги видиме бидејќи не сме ги гледале на другите фестивали. Во таа смисла имаме навистина што да понудиме. Се надеваме дека се* повеќе подржувачи ќе имаме во наредниве години, иако тоа се чини понекогаш како залудна мисија наспоти тоа што сме покажале во изминативе години дека ќе се бориме против се и секого кој сака да ни го наруши духот“, вели тој.
Кон ова само уште информацијата дека на „Скупи 2017“, како и на минатите изданија на Фестивалот, ќе биде доделена една награда - Гран-при за најдобра претстава, за која ќе одлучува тричлено жири во состав: Веби Ќерими, Ѓорѓи Јолевски и Лука Кортина.