Она што навидум првично беше само ентузијастички сон на вљубениците во пантомимата и физичкиот театар, и без соодветна поткрепа на институциите низ годините наназад, станува реалност. Скопје стана еден од ретките и не само регионални туку и европски центри кој може да се пофали со опстојбата на интернационален фестивал кој цела една декада ја промовира токму таквата идеја и се обидува на реално место да ја постави пантомимата како сценска, театарска дисциплина.
За тоа време, на „Панфиз“, зад кој патем целото време стамено стојат актерите Трајче Ѓорѓиев и Снежана Конеска Руси, се случија 48 претстави со над 120 учесници од САД, Јапонија, Финска, Индија, Израел, Швајцарија...а нив ги проследија над 5.000 посетители.
„Среќен сум и задоволен што ете успеавме да издржиме десет години во организацијата на овој, според мене исклучителен фестивал, бидејќи моите искуства ми кажуваат дека е еден од ретките фестивали не само на Балканот, туку и пошироко којшто се занимава со популаризација и презентација на овој жанр од театарот – пантомимата и физичкиот театар. Се надевам дека овој успешен пат на фестивалот ќе продолжи понатаму и во наредните десет и повеќе години“, вели Трајче Ѓорѓиев, уметнички директор и селектор на „Панфиз“.
А, годинава, од вкупно 50 апликации пристигнати на отворениот конкурс, одбрани се шест претстави на уметници и колективи од Франција, Бугарија, Романија, Германија и од Србија, кои од 7 до 10 август ќе бидат прикажани на Малата сцена на Македонскиот народен театар. Ќе гостуваат пантомимичари со различни естетики, некои од нив веќе стари познаници и подржувачи, а има и такви кои биле лауреати како што е тоа Герасим Дишлиев од Франција. Овој студент и своевремено асистент на големиот пантомимичар Марсел Марсо беше победник во 2009 година, а овојпат токму на отворањето на манифестацијата ќе ја прикаже неговата исклучително атрактивна класична моно-пантомима „Не на своето место“.
Потем в недела, на вториот ден од „Панфиз 2017“ е планирано едноподруго да бидат одиграни „Хомо Американус“ на Пол Цимпоеру од Романија (пантомимичар од школата на Дан Пуриг), кој по премиерната изведба на проектот пред неколку месеци во Њујорк еве го и во Скопје, за да потем имаме можност да ги видиме и младите надежи на бугарската пантомима ВЕКИ БОЈС со нивната претстава „Богатството“.
На почетокот од третата вечер на ова јубилејно издание на манифестацијата најнапред ќе истрчаат ДУО МИМИКРИЈА од Германија, со нивната „Кратки визуелни приказни“, која се смета за еден од најсјајните моменти на годинешново случување, а потоа следува настапот на Пулс театар од Лазаревац, Србија, кој ќе ја прикаже претставата „Постквартет“ - проект кој, како што велат организаторите, „потсетува на буто, но пред се* се базира на физичкиот театар“.
И, конечно на затворањето и во ноќта на доделувањето на единственото признание (наградата чиј спонзор сите овие години е големиот вљубеник во пантомимата - Бугаринот Росен Пацов со своето семејство кој долго време живее во Брисел, Белгија), доследен на себе „Панфиз“повторно со заложба за особено внимание на лицата со посебни потреби. Во вторник, на 10 октомври, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Прва солза“ на Ѓорѓиев, работена според расказ на писателот Борисав Станковиќ, со која ќе гостува општинската организација на глуви и наглуви од Врање.
„Пристигнаа многу апликации. Повеќето од нив беа да кажеме претстави коишто припаѓаат на уличниот театар. Се одлучивме за овие затоа што „Панфиз“ е, сепак, фестивал на црната кутија. Ова значи дека практикува овој жанр да го видиме во малку посвечен и затворен простор, а тоа е театарската сцена“, појаснува селекторот.
На отворањето на 10-тиот „Панфиз“ ќе биде промовирана монографија за фестивалот на авторот и долгогодишен проследувач на театарските случувања Тодор Кузманов. Објавата ќе биде претставена во пресрет на официјалниот почеток на манифестацијата, а според потписниците на Фестивалот станува збор за „сведоштво, документ за тоа што поминало на „Панфиз“ во изминатата деценија. За публикација во која е прикажана неговата кратка и богата историја“.
Сепак, наспроти „историчноста“ на моментот, „Панфиз“ и во годината кога ја заокружува првата декада од постоењето е само симболично подржан од институциите – во случајов Министерството за култура и Град Скопје. Од таму не чуди кога Ѓорѓиев забележува дека од таму „и неможноста конечно да се поканат извикани продукции од странство“.
„Овој жанр се уште е малку поддржан во Македонија и поради немањето финансии пропаѓаат и сите наши обиди за копродукции. За јубилејот сакавме да направиме една копродукциска претстава со трупи од Финска и од Србија. Од таму беа подготвени да влезат во проектот, но ние немавме сили за такво нешто. Едноставно нема пари за таков зафат. Следиме се што има во светот, но го правиме тоа што е во границите на нашите можности. Се финансираат еден куп фестивали со многу поголеми буџети кои носат продукции што може да се видат на повеќе места во регионот. Надлежните треба да имаат предвид дека се работи за единствен фестивал од ваков тип. Згора на тоа нема ниту домашна претстава на програмата бидејќи и малкуте актери со завршена пантомима се занимаваат со уличен театар и статуи зашто тоа им е веројатно финансиски поисплатливо“, категоричен е Ѓорѓиев.
Кон ова само уште информацијата дека на затворањето на манифестацијата ќе биде доделено и единственото признание на Фестивалот - наградата чиј спонзор сите овие години е големиот вљубеник во пантомимата - Бугаринот Росен Пацов со своето семејство кој долго време живее во Брисел, Белгија.