По „Човекот“ од 2005 година, пантомимската претстава со која Трајче Ѓеорѓиев помина пристојна километража – од Македонија, преку Америка до Кина, и која патем ја виде бројна фестивалска публика, актерот еве го со неговиот нов проект чија премиерна изведба е закажана за 25 октомври, во 21 часот, во Универзална сала во Скопје.
Мислам дека не е многу тешко човек да создаде некоја своја етида, да биде нели оригинална, меѓутоа во овој период од мојот развој како актер во пантомимата, сепак се трудам да се угледувам и основата да ја барам во делата на светски познатите творци.Трајче Ѓорѓиев, пантомимичар.
„Соло мим“ е составена од најпопуларните шест светски етиди од овој жанр (Мајсторот на кукли, Уличниот свирач, Љубовникот, Ловец и птица, Сончогледот и Столот) изведувани од легендарните Сами Молхо од Израел, Французинот Марсел Марсо и Адам Дариус, Американецот кој живее и твори во Финска.
„Односот на човекот кон средината, кон животот, кон уметноста, кон љубовта и т.н се моите водилки во адаптацијата и играта на овие шест етиди. Мене ми е задоволство и предизвик на некој начин да истражувам во делата на другите автори. Мислам дека не е многу тешко човек да создаде некоја своја етида, да биде нели оригинална, меѓутоа во овој период од мојот развој како актер во пантомимата, сепак се трудам да се угледувам и основата да ја барам во делата на светски познатите творци“, ќе рече Ѓорѓиев во пресрет на претставувањето на неговата „Соло мим“.
Во Македонија најнапред работите треба да се случат во странство, па потоа некој да се сети дека треба да се случат и кај нас. Ете, некако тешко оди.Трајче Ѓорѓиев, пантомимичар.
Тој дополнува дека можеби понатаму, за година-две, ќе дојде период кога ќе започне да истражува на некаква база на негова филозофија на животот, на театарскиот предизвик кој што се вика пантомима, но за тоа, како што вели, кога ќе дојде време. Појаснува дека сега се подготвува еден меѓународен трилатерален пантомимски проект за кој ќе требаат и поголеми средства и услови за да се оствари во догледно време.
„Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме некакви позитивни знаци дека тоа сепак ќе се оствари. Ние, екипата од Македонија и оние од Романија и Велика Британија да учествуваме и да создадеме една своја претстава која што ќе зборува за Апокалипсата. Ете, тоа можеби е еден убав предизвик во овие чудни времиња кои што ни престојат или кои што веќе ги живееме“, вели Ѓорѓиев.
Пантомимската претстава „Соло мим“ засега е планирано да живее на Малата сцена на Универзална сала, иако нејзиниот автор не исклучува нејзино претставување не само во градовите во земјава, туку и на фестивалите по светот.
Од друга страна, Трајче Ѓорѓиев ја продолжува и започнатата соработка со Сојузот на глувонеми лица од Врање, соседна Србија, чија претстава имавме можност да ја видиме на шестото, минатогодишно издание на Интернационалниот фестивал за пантомима и физички театар ПАНФИЗ. Актерот појаснува дека во тек се преговорите за еден сценски проект во кој освен овие лица би учествувале и актерите од Народниот театар во Врање и вели дека од неодамна ваквата негова едукативна дејност преку неколку работилници започнал да ја спроведува и во Ѓаковица, на покана на Сојузот на глувонеми лица од Косово.
„Навистина е прекрасно да се работи со овие лица. Колку што тие допринесуваат за таа соработка толку и јас учам од нив бидејќи тоа е еден посебен свет, еден свет во кој човек може да се пронајде и до бескрај да истражува“, вели Ѓорѓиев.
На забелешката зошто тоа не го прави во нашава земја, актерот вели дека лани ги поканил луѓето од Сојузот да дојдат да ја видат претставата од Врање, некои од нив се појавиле на Фестивалот, но дека тука престанала комуникацијата.
„Во Македонија најнапред работите треба да се случат во странство, па потоа некој да се сети дека треба да се случат и кај нас. Ете, некако тешко оди“, вели пантомимичарот.