Достапни линкови

„Кец на десетка“ на Бојаџиски премиерно во МНТ


Тања Кочовска и Александар Микиќ во „Кец на десетка“.
Тања Кочовска и Александар Микиќ во „Кец на десетка“.

Работена како претпоследна премиера од програмата за тековната 2017 година, во петок, на 17 ноември, во 20 часот, на Малата сцена на Македонски народен театар, ќе биде изведена комедијата „Кец на десетка“ од Митко Бојаџиски. Режијата на овој проект е „колективна“ (Драган Спасов Дац, Јордан Симонов и ... други), а играат актерите Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан и Ивица Димитријевиќ.

На Македонски народен театар, во деновите од претстојниот викенд, ќе му се случи комедија. На малата сцена премиерно ќе биде изведена „Кец на десетка“ од струмичкиот писател и драматург Митко Бојаџиски.

Во своето послание во пресрет на овој чин, насловено како „Едноставна мисија“, авторот пишува дека „кога едно сосема нормално семејство ќе се собере да се запознае со идниот зет, се очекува секој да даде сè од себе, да ги смири своите човечки слабости, ако ги има, нели, да ги потисне внатрешните проблеми...Се очекува да оставите максимален впечаток на другата страна, до степен да се прашува со што ја заслужил таа неверојатна среќа да ве сретне токму вас како прибежиште, како иднина, како судбина... Целта не ви е да ја доведете конкретната персона во заблуда но доколку персоната се доведе сама, вие не сте виновни! Најважно за такви ситуации е да не се дозволи ни случајно работите да излезат од контрола, тоа никако, не! И затоа, секој од присутните треба да направи сè што е во рамки на неговите можности за да не дојде до такво нешто.

„Ситуациите од таков тип имаат силен комичен потенцијал. Темата ни е блиска на сите нас и во случајов, се разбира, функционира како комедија. Извадено е на површина сè што е комично, а тоа го има во изобилство, било како глума, било како свежи и сочни дијалози, било како општа приказна. Хуморот е спонтан, природен и брзо спојува. Сцената лесно комуницира со публиката“, појаснува Бојаџиски.

Тој дополнува дека „мисијата е многу едноставна: публиката да дојде, да ужива во претставата, да си отиде насмеана и задоволна...и да каже каде била и колку убаво си поминала.

Затоа авторот нималку не го крие задоволството што неговиот текст, чија праизведба патем се случи во април 2013 година кога режисерот Синиша Ефтимов како „Не чукај блиску до срцето“ го постави на сцената на Театарот „Антон Панов“ во Струмица, еве наново ќе осамне пред публиката со екипа каква што може само да се посака.

Идејата за поставување на „Кец на десетка“ во МНТ некаде во февруари – март годинава ја дал Драган Спасов Дац со мисла тој да биде и режисер на проектот ( оти тој еднаш веќе во Драмски ја стокми успешната „Балкански шпиун“). Но, поради здравствените проблеми и неговото поставување за в.д. Директор на оваа наша национална институција што довело до прекин на започнатиот процес на работа и негово оддолжување, во приказната како асистент на режија влетал колегата Јордан Симонов, настрана не останале ниту останатите од екипата, па така сите заедно решиле режијата конечно да биде „колективна“.

„Оваа режија цела ја крстивме колективна затоа што навистина сите беа инволвирани не само во она што го играат туку и во креацијата на целата претстава. Морам да кажам дека глумците се добро одбрани, тие фантастично си ги одработија своите улоги и со сигурност тврдам дека во МНТ добивме одлична комедија, хит-претстава за која што ќе се бара карта повеќе на благајната“, вели Спасов.

Тој најави дека и во иднина ќе се залага на репертоарот во МНТ да се играат комедии кои ќе носат публика, кои ќе бидат издржани и без вулгарности, како и тоа дека еднаш годишно ширум ќе ги отвора вратите за младите режисери, актери и драматурзи да продуцираат по една претстава наменета за таа целна група.

Во „Кец на десетка“ играат Александар Микиќ како таткото Доксе, Тања Кочовска – мајката Грациела, Нина Деан,како Ана и Ивица Димитријевиќ – идниот зет Тоше. Сите заедно се убедени дека потпишуваат проект што ќе ја разгали и насмее публиката, а Кочовска ќе рече дека актерите и не милуваат многу да појаснуваат туку она што го имаат да го кажат го кажуваат на сцена.

„Јас не би должела многу, не би давала некоја посебна експликација за претставата, за тоа што и како ќе биде, мислам дека имаме добра претстава, интересна пиеса со секојдневна проблематика и сето она останатото останува да им го кажеме на љубителите на театарот од петок навечер и со секоја следна изведба“, вели Кочовска.

Инаку, во пресрет на премиерната изведба на „Кец на десетка“, актерите и в.д директорот Спасов, во аранжаман и продукција на Александар Митевски, го преработиле големиот хит од 1980-те на британската дуо YAZOO – песната „Оnly you“. Видео клипот бележи големи бројки на гледаност, а Митевски кој по прв пат работи музика за театар се надева дека успешно ја завршил работата.

„Спонтано некако влегов во екипата и се надевам дека успешно ја завршивме работата. Песнава долго си ја потпевнуваме, ама откако ја изгледав малку претставата, ми дојде и текстот и рековме ајде малку да нестандардно да направиме да си има една музика, еден рефрен, нешто што ќе се појави пред претставата и на сите ќе им го зголеми интересот за проектот. Ова за мене беше прекрасно искуство“, вели Митевски.

Сценографијата во „Кец на десетка“ е на Татјана Блажевска – Христова, костимограф е Ивана Каранфиловска – Уруговска, автор на плакатот е Срѓан Јаничиевиќ, а извршен продуцент Виктор Рубен.

XS
SM
MD
LG