Достапни линкови

Шести меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“


Со учество на ансамбли од Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Хрватска и од Македонија, од 14 до 22 септември, во Крива Паланка, се одржува шестото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, културната ревијална манифестација зад која што настојчиво стои локалната самоуправа и која се обидува и успева оваа уметност да им ја приближи на граѓаните.

Крива Паланка, од 14 до 22 септември, ќе живее со магијата што се раѓа и пулсира единствено на „штиците што значат живот“. Во тој период на градот ќе му се случува шестото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, манифестацијата која през години израсна во заумна идеја чија крајна цел е едукација и збогатување на културниот живот на граѓаните.

Со оглед на техничко-просторните можности што ги пружа Домот на култура за целото ова време развивавме концепција да донесеме главно претстави од камерен профил.
Страшо Милошевски, уметнички директор на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.
Мето Јовановски, актер.
Мето Јовановски, актер.

Од таму, нималку не чуди, што и овој пат тие ќе бараат билет повеќе за претставите кои ја чинат програмата на ова случување. А, ќе бидат прикажани: „Државен крадец“ од Фадил Хаџиќ во режија на Томислав Крстиќ и продукција на Народен театар „Тузла“ од Босна и Херцеговина, „Криворазбраната глобализација“ на Светослав Пеев и Народен театар „Невена Коканова“ од Дупница, соседна Бугарија, „Љубовници“ по Камелоти од Раде Вукотиќ и Народен театар „Славија“ од Белград, „Без паника“ на Благој Мицевски и Народен театар – Битола, „Сè ќе се разјасни“ - проектот на Радиша Грујиќ и Народен театар „Лесковац“, „Балкански аристократи“ - на театарот од бугарскиот Тополовград, „Не чукај блиску до срцето“ од Митко Бојаџиски што Синиша Ефтимов ја постави на сцената на театарот „Антон Панов“ во Струмица и конечно „Ќуп“ на Рената Карола Гатица и Народен театар „Вировитица“ од Хрватска.

Идејата за монографијата беше на некаков начин да се заокружат сите активности кои што се одвивале на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
Гоце Ристовски, писател и театарски критичар.

„Со оглед на техничко-просторните можности што ги пружа Домот на култура за целото ова време развивавме концепција да донесеме главно претстави од камерен профил. Згора на тоа настојувавме да дојдат проекти од сите држави на поранешна Југославија поради блискоста на јазиците и потребата нив да ги разберат сите граѓани на Крива Паланка. Од таму во изминатиот период ни доаѓаа претстави од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, годинава имаме и од Бугарија, а некако стана практика да имаме и по два театри од Македонија, што значи дека досега се имаат извртено безмалку сите професионални ансамбли од земјава“, вели Страшо Милошевски, уметнички директор на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.

Тој, појаснува дека Крива Паланка во изминатите децении и не може да се пофали со развивање на некаква културна дејност од областа на театарот и дека всушност зачетоците на манифестацијата датираат од пред нецели десет години кога Театарот „Скрб и утеха“ започнал да подготвува по една претстава чија премиера се случувала во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во рамките на „Кривопаланечко културно лето“. Потем иницијацијата за фестивалот ја дала локалната самоуправа која ги поканила него, Тихомир Стојановски и Милица Стојанова, големата легенда на македонското глумиште и родена Паланчанка, да помогнат околу неговата реализација. Заедно решиле, без особени претензии, да потпишат манифестација чија основна цел ќе биде да го збогати културниот живот во градот и да влијае на нивната едукација.

Од тогаш, поминаа пет изданија и случувањето израсна во значаен Фестивал со меѓународен предзнак на кој, патем, како посебност, исто толку години се доделува признание на значајни личности од македонската културна сцена. Последен во низот е актерот Мето Јовановски, а пред него наградата ја добиле и Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски и Страшо Милошевски.

Инаку, годинашново отворање на манифестацијата помина во знакот на промоцијата на монографијата „Балканот низ театарската игра“ на писателот и театарски критичар Гоце Ристовски.

„Идејата за монографијата беше на некаков начин да се заокружат сите активности кои што се одвивале на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Таа има за цел да биде еден документ, едно сведоштво за она што било направено и за начинот на кој можеби сето тоа се одвивало. Хронолошки се дадени сите учесници, со фотографии, со текст, со по еден кус коментар за нивните претстави, но исто така се претставени и петтемина лауреати кои што досега ја освоиле единствената награда на Фестивалот која што се вика Награда за особен придонес во македонскиот театар, уметност и култура“, ќе рече Ристовски.

Тој дополнува дека како завршница на самата монографија поместил и два хронолошко-репортерски текста чија цел е да ги прикажат и да ги афирмираат убавините и можностите за туризам и рекреација на Крива Паланка и посебно на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG