Дваесет и пет години јас го оставам својот белег во светот. Свесен и преплашен, го согледувам својот живот. Учам. Учењето е: да се оттргнам од учење. Годините минуваат без одговор. Пресудно е да не се најде ништо. Чувствувам како ме преплавува поток, жила од подземни реки кои се појавуваат и исчезнуваат. Парчињата свои ги носам во себе. Движење сочинето од воздух и тело.
Ова знае да го каже за себе прочуениот израелски кореограф Ицик Галили. И, на тој начин во само неколку реченици да проговори за себе. За своето битисување. За поставените прашања и можните одговори. За 57-те години исполнети со творештво и многу напорна работа. За нејзиното величество – сцената и трпеливи исчекори на неа.
Роден 1961 година, откако го испекол занаетот во танцовите компании „Бат Шева“ и „Бат дор“ во татковината, Галили решил да се пресели во европската престолнина на танцот – во Холандија. А, таму од 1991 започнува неговиот пат кон успехот. Шест години подоцна тамошното министерство за култура го назначува за уметнички директор на компанијата во Гронинген, за да во 2009 кореографот во Амстердам, заедно со собеседничката Кристина де Шател, ја формираат трупата за модерен танц ДГА.
Наспроти делувањето во дадените рамки, Галили дел од сопствените таленти и навиките за потраги по сензациите на сегашноста оставил на сцените на балетите на Сао Паоло, Монако, Минхен, Штутгард...За она што го креирал многупати е наградуван и не само во Холандија каде што во последниве децении живее и твори, туку насекаде по Европа. Што е уште поважно проследувачите на случувањата во современиот балет ќе забележат дека тој е еден од ретките кореографи на актуелната сцена кој умешно оди „по острицата помеѓу хуморот, агресијата, емотивноста, сексот и елеганцијата“.
Дека неговата замисла е карактеристична по способноста да го истражува танцот од широк опсег. Да ја заобиколи нашата свест и да ги разбуди нашите внатрешни чувства. Мешајќи ги соништата со јавето, минатото со сегашноста, Галили ја повикува публиката да размислува за тоа што останува скриено зад реалноста. Тој комбинира експресивни движења со моќни или поетски слики, честопати создадени со неговото лично дизајн на светло, и го покажува неговото искуство и гледање на светот во перформанс кој е универзален. Човечки.
А кога ова веќе се знае, нималку не чуди која Ицик вели дека „на сцена треба да се живее во моментот“. Дека „неговата работа е интимен ритуал, огледало кое го нуди токму она што ние веќе го носиме во нас“.
Е, токму тој Ицик Галили еве го во Скопје со две негови парчиња - „Агонија на срцето“, работен на музика од „Гудачкиот квартет бр. 5“ на современиот композитор Филип Глас, и „Софата“ во кој е бележита звуковноста и поетиката на големиот американски „отпадник“ Том Вејтс.
За одбирот да креира кореографија користејќи ја музиката на Вејтс, тој знае да каже дека тоа му дошло некако природно оти со неговата музика другарува уште од младоста, од доцните 1980 години. Дека отсекогаш сакал да направи претстава во која ќе се најде неговиот бунтовнички рокенрол дух и суровата поетика. Дека тоа веќе еднаш го сторил со „Низ очите на старата“, за да потем го стокми и „Софата“ со надеж дека ќе стане „славен и богат“. Нормално, тоа не му успеало, потем делото цела една декада останало да собира прашина за да во мигот кога почувствувал дека „станал помудар“, некаде во 2005, наново му се вратил и на замолба на директорот на балетот од Штутгард да креира „нешто смешно“ го извадил од фиока и го отелотворил како „балет кој говори за точките на гледање во општеството и ги провоцира размислите и емоциите на ралични групи на луѓе“.
Од тој момент станав „богат“. Тоа е таа моја интимна приказна врзана со Вејтс. Нормално ја продадов „Софата“ на многу балетски компании, но тоа не ми донесе пари туку ми го облагороди духот. Се прикажуваше на многу национални сцени во светот и еве ме овде во МОБ. За овој период, во тие пет недели работа со играчите, мислам дека направивме продукт според европските стандарди по кој едноставно за ансамблот нема назад. Овој колектив многу ризикуваше, но убеден сум дека доби нов лик – впрочем тоа е и понекога и нашата работа “, вели Галили.
Од друга страна, говорејќи за „Агонија на срцето“ тој истакнува дека во таа претстава бил испровоциран од минимализмот на Филип Глас. Дека нешто во „Гудачкиот квартет бр. 5“ го потсетило на Аргентина, дека таквата звуковно го асоцирала на она што веќе го имал во „Софата“, но се разбира на сосема поинаков начин.
„Една од работите коишто беа исклучително важни за мене во оваа пригода беше есенцијата на светлото. Сакам претставите да ги дотерувам, да ги шминкам, а во случајов овде тоа за мене беше светлото“, дополнува кореографот.
А, стариот познаник на македонската публика, хрватскиот кореограф Сташа Зуровац, по четирите дена во 2012 година, колку што имал да ја исправи на сцена соломоновата „Песна над песните“ ( тогаш го поставувал „Пер Гинт“ во Земун) за да „еднаш или два пати биде јавно прикажана“, овојпат за обновата добил „дури една цела седмица“. Затоа смета дека „ова на некој начин е и премиера на претставата која и немала прилика да заживее на вистинскиот начин“. Притоа дополнува дека целата работа ја завршиле всушност Саша Ефтимова и ансамблот, а нему му останало само уметнички да се изрази на веќе постојната структура.
Вели дека самата приказна на „Песна над песните“ има долг век и неколку големи мотиви во себе. Најнапред библиската тема што сите ја знаеме, потем онаа што ја напишал хрватскиот авангарден поет Јанко Полиќ Камов која тој драматуршки ја интегрирал во оригиналната соломонова песна. А, третиот мотивациски елемент за него бил композиторот Марјан Нечак кој добил задача од Зуровац „Песна над песните“ да ја интепретира и низ македонскиот мелос. Така сторијата на претставата е сместена во болница каде што се лекуваат болни од туберколоза и говори за „вистинската љубов“.
„Она што мене како на автор ми е интересно е што претставата доби поинаков лик. Без обзир на тоа што е обновена по цели пет години таа го има оној допир на денешнината. Тоа е она што со себе го донесоа овие изведувачи и што мене најмногу ме инспирира. Ние не се обидовме да направиме репродукција на она што веќе четири пати сум го поставувал на сцена, туку нов продукт. Оригинал во кој не е важно кој е прв, втор, трет...туку кадешто сите рамноправно придонесуваат за идејата којашто јас како творец сакам да и ја пренесам на публиката“, вели Зуровац.
Кон ова само уште информацијата дека во Балетски триптих настапуваат првенците и членовите на ансамблот на МОБ, уметници како Ивана Коцевска, Бобан Ковачевски, Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Игор Велјановски, Мирјана Поп Алексова, Саша Евтимова. Ендру Кук, Симоне Џиролети, Андреј Литвиненко, Мирослав Митрашиновиќ, Јан Кисилев и други.